Заев: Почнува процесот за решавање на проблемот со името, средба со Нимиц на 21 ноември


Очекувам на 20 или 21 ноември да се одржи првата средба меѓу преговарачите од Македонија и Грција со посредникот на Обединетите нации во решавањето на спорот со името, Метју Нимиц, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање од Ројтерс, по средбата со словенечкиот премиер Миро Церар во Љубљана.

Тој зборуваше за натамошниот тек на европските и евроатлантските интеграции на Македонија, при што напомена дека во таа насока пред сè фокус се става во решавањето на спорот со Грција.

– Ова е навистина актуелно прашање и во Македонија. Логично беше по завршувањето на локалните избори да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, кој што го има Република Грција со нашето уставно име, а кој истовремено е пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц – рече Заев.

Тој истакна дека овој месец се очекува интензивирање на преговорите.

– Ние, во Македонија се обидуваме да изградиме национален консензус, сите, претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување – нагласи македонскиот премиер.

Тој посочи дека Македонија гради пријателски односи Грција и рече дека верува дека во таква пријателска атмосфера може да се најде решение и на ова горливо прашање.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1