Зоран Заев и државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Мајкл Р. Помпео, во рамките на неговата еднодневна официјална посета на нашата земја имаа тет-а-тет средба, откако претходно државниот секретар на САД се сретна со Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски.
Веднаш потоа се одржа и билатерална средба кога на премиерот Зоран Заев му се придружија и заменик претседателката во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
На оваа средба доминантна тема беше проекцијата за развој на соработката меѓу двете земји стратешки партнери, со посебен акцент на потенцијалот за натамошно унапредување на економските односи и за привлекување нови американски инвестиции во земјава.
Посебно внимание за време на разговорот беше посветено на успешната соработка и партнерство во доменот на одбраната, особено меѓу АРМ со Националната Гарда на Вермонт, како и во рамките на воените мисии ISAF и „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
На средбата меѓу владината делегација и државниот секретар на САД и неговата придружба, беше нагласено дека останува силната и континуирана американска поддршка за финализирањето на постапката за полноправно членство во НАТО и за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ.
Во разговорот на билатералната средба се разговараше и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот со Вашингтон како главен промотор на политиката на проширување на Алијансата со државите од Јадранската Повелба.