Потрошени се 14 милиони евра од граѓаните, за да влезат Груевски и Мијалков во животите на сите нас, рече Заев на денешната прес-конференција на која ја презентираше новата „бомба“
Тој додаде дека се работи за класична корупција во која Сашо Мијалков, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, договара провизија, дополнувајчи дека зад овој мегаскандал стои и премиерот Груевски, кој го обезбедил овој криминален и корупциски бизнис.
– Многу пари и големи провизии завршуваат кај Мијалков. Станува збор за набавка на опрема за тајната полиција на Македонија од Израел. Мијалков го договара овој бизнис преку Светлана Костовска и Хаим Хакејни од Израел. За да почне да преговара, Мијалков побарал провизија од половина милион евра и инсистирал парите да ги добие пред да продолжи со преговорите. Костовска веќе е позната како судијка од Управниот суд, која Мијалков директно ја израдувал со таа информација. Костовска, и од позиција на судијка во Управниот суд продолжува да преговара со Израелците од името на УБК и на Мијалков – рече Заев.
Заев презентираше и содржина на наводни СМС-пораки во прилог на своите тврдења. Според него, една од пораките потврдува дека Израелецот информира дека бил пуштен првиот дел од провизијата од 540.000 евра, додека втората порака потврдува дека биле пуштени уште 840.000 евра. Според Заев, Хаим Хакејни бил чест гостин во Македонија.
Видео на следниот ЛИНК