Во недела ќе се соочите со историска одлука. Треба да направите избор. Запаметете, тоа не е избор меѓу две политички партии. Тоа е избор за вашата иднина, за иднината на вашите деца. Тоа е избор за иднината на нашата сакана Македонија.
Ова го порача премиерот Зоран Заев во видео обраќањето до граѓаните за референдумот на 30 септември.
– Овој споменик, Македониум, нè потсетува дека македонскиот народ секогаш го правел вистинскиот избор: Во 1903 година за време на Илинденското востание. Во 1941 година во Народно-ослободителната борба кога застана рамо до рамо до прогресивна Европа против фашизмот.
На 8 септември во 1991 година, со глас на референдумот донесовме одлука за слободна, независна и суверена Република Македонија. Од тогаш наваму, не се остварија сите наши стремежи, нашиот сон за европска Македонија и земја членка на НАТО.
Но денес, остварувањето на тој сон, на тој наш стремеж, е блиску. На 30 септември, секој од нас треба да стави тула во изградбата на подобра македонска иднина – да помогнеме да станеме земја членка на најмоќниот безбедносен сојуз – НАТО, и рамноправна земја во најсилната економска заедница во светот – Европската Унија.