Во Централноафриканската Република, неидентификувани напаѓачи убиле тројца европски новинари така што поставиле заседа на нивното возило, објави денеска градоначалникот на Сибут, Хенри Депеле. Нивните колеги велат дека снимале филм за руски платеници во земјата. Локалната полиција вели дека можеби биле жртви на грабеж.
Портпаролот на претседателот на Централноафриканската Република, Алберт Јалоке Мокпеме соопштил дека војниците во близина на Сибут пронашле три тела со “европски изглед”, но не можеле да ја откријат нивната националност ниту со што се занимавале тие.
Тројцата мажи се новинарот Орхан Џемал, режисерот Александар Расторгујев и снимателот Кирил Радченко. Џемал беше познат воен дописник, кој беше ранет додека известуваше од Сирија; додека Расторгујев доби повеќе награди за своите документарци. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека се најдени прес-картичките со нивните имиња, додека роднините на мртвите рекле за медиумите дека ги идентификувале од фотографиите направени по нивната смрт.
Франс прес објави дека мажите биле нападнати кај блокада на пат 23 километри од централниот град Сибут, кој се наоѓа во една од најсиромашните и најнестабилни земји во светот, поделена помеѓу завојувани територии. Извор од локалната полиција изјавил за новинската агенција Интерфакс дека засега за мотив за нападот се смета грабеж.