Четворицата пилоти кои минатата недела загинаа кај индустриската зона во Струмица, вежбале ноќно летање со помош на специјални очила набавени од израелската компанија „Елбит“. Станува збор за посебни визири за ноќно летање, со помош на овие очила за ноќно летање, пилотирањето е олеснето. Сепак, мора да се има предвид дека опсегот кој се опфаќа со гледањето преку овие очила е помал, поради што е можно да дојде до создавање сенки или до незабележување на одредени препреки што можат да се појават пред хеликоптерот за време на летот, пишува Утрински весник.
Најголем проблем е појавата на светлосно загадување. Станува збор за проблем кој се појавува во текот на ноќнотo летање во близина на осветлени места, особено над градовите или над многу осветлени објекти. Очилата се одлични кога пилотот лета во темнина, но светлината при летање со очила може многу да му пречи, велат пилотите кои имале искуство со летање со полицискиот хеликоптер „ми-17“ и кои користеле опрема за ноќно летање.
Софистицираните очила за ноќно летање, кои ги користеле и пилотите на МВР, се само дел од опремата која била вградена во неколкуте хеликоптери „ми-17“ што полицијата ги набави во 2009 година.
Последниот тренинг беше кобен за пилотите Драги Мицев, Маријан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички. Истрагата за падот на хеликоптерот е во тек и таа се очекува да ги даде одговорите за тоа што довело до кобната несреќа кај Струмица.
Нo, она што се наметна деновиве е прашањето околу високиот антенски столб во кој удрил хеликоптерот, по што паднал и експлодирал. Дали е можно да не го забележале столбот и дали тој бил видлив со ноќните очила со кои летале пилотите без вклучени светла на хеликоптерот? Искусниот пилот и поранешен началник на безбедност на летање во воено воздухопловство, Небојша Антиќ за „Утрински весник“ објаснува дека доколку столбот бил осветлен, не постоела можност да не го забележале пилотите.
„Да бил осветлен антенскиот столб, ќе го забележеле. Но, во случај да не бил осветлен, тој веројатно им се видел како сенка, забележувале дека има нешто, но не можеле да оценат што е тоа што се наоѓа пред нив“, вели искусниот пилот.
Целата сторија на – Утрински Весник