Ако може да се суди според зборовите на еден од водечките научници од тимот што ја произведе вакцината на АстраЗенека, поради критиките што доаѓаат од ЕУ, цената на таа вакцина може да се зголеми.
Џон Бел, канадски имунолог и генетичар и професор на Оксфорд, кој беше еден од клучните научници во развојот на вакцината на АстраЗенека, во интервју за британски Телеграф рече дека АстраЗенека може да ја доведе во прашање претходната одлука да не профитира од вакцината, поради критиките од Европската унија.
Тој тврди дека на АстраЗенека никогаш не и било одадено признание за одлуката да не заработи пари од вакцината, додавајќи дека неодамнешните напади што доаѓаат од водечките политичари во ЕУ ја доведуваат во прашање таквата одлука.
– Има момент кога АстраЗенека може да каже: „сега ќе престанеме да наплаќаме ниска цена затоа што не ни оддавате признание за сè што направивме“. Цената на акциите на АстраЗенека падна, не се зголеми. Произведуваме повеќе вакцини од кој било друг. Се работи за сигурна и ефикасна вакцина, а на никого не му е грижа, рече Бел.
Тој нагласи дека во АстраЗенека има фрустрација затоа што се откажува од профитот на вакцината, што не е случај за ривалите како што се Фајзер или Бионтек.
– Немам проблем со тоа луѓето да заработуваат, но сега не е време за тоа. Фармацевтската индустрија ни порачува: „Погледнете не, бевме одлични и го спасивме светот. Да, така е, но исто така заработивте многу пари, истакна професорот.
Изјавите на Бел, пишува Телеграф, доаѓаат во време кога и во АстраЗенека интерно се дискутира дали британско-шведската компанија треба да наплаќа повеќе за својата вакцина.
Компанијата АстраЗенека ги коментираше изјавите на водечкиот научник од Оксфорд.
– Од самиот почеток, пристапот на АстраЗенека е да се третира развојот на вакцините како одговор на вонредната глобална закана по здравјето и ќе продолжи да работи во истиот дух. Апсолутно сме посветени да обезбедиме вакцини во што е можно повеќе земји и при тоа да не заработиме ништо. Компанијата вети дека ќе ја продава вакцината по цена која доволна само за покривање на трошоците за време на пандемијата, рече портпаролот на АстраЗенека.