Ако освен плата и пензија остварувате дополнителни приходи, добивте регрес за годишен одмор за мината година или, пак, имате приливи од игри на среќа или од работа преку интернет, ќе мора да ги пријавите најдоцна до 15 март годинава во Управата за јавни приходи.
УЈП ги потсетува граѓаните да не заборават да ги пријават и тие приходи – глобата ако ги сокријат а УЈП ги открие е од 100 до 200 евра.
Задолжително поднесете Годишна даночна пријава до Управата за јавни приходи, доколку:
– сте издавале под закуп (кирија) или подзакуп: станбен или деловен простор, гаража, земјиште, викендица, опрема, превозни средства или друг вид на имот;
– сте склучиле авторски договор, односно сте оствариле приход од авторски права и права од индустриска сопственост;
ви била исплатена дивиденда или камати по основ на заем кој сте го дале на физичко или правно лице;
– сте оствариле капитална добивка од продажба на хартии од вредност на берза, учество на капитал и недвижен имот;
сте оствариле добивка од игри на среќа, од спортско обложување, од лото, од ТВ наградни игри;
– имате лични примања од странство;
– работно сте ангажирани во амбасада, мисија на меѓународна организација во РМ, односно имате лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави во РМ или пак остварувате лични примања кај претставници и службеници на претставништва кои уживаат дипломатски имунитет; и сте оствариле и “други приходи”.
ВАЖНО: Не поднесувајте Годишна даночна пријава доколку имате остварено само приход од плата, од пензија, од земјоделска дејност или од самостојна дејност.