Албанската полиција распиша потерница по Васко Г. (47) од Македонија под сомнение дека измамил над 500 лица од кои зел речиси 300.000 евра, а потоа најверојатно се отселил од земјата.Четириесет и седумгодишниот Македонец користел две патни исправи и од истрагата било потврдено дека пред десет дена ја напуштил Албанија со куфер полн со пари. На апликациите на измамените тој го користел идентитетот на извесен Михаел В. Попогоноф.
Полицијата смета дека измамата е сторена преку агенција која се занимавала со обезбедување визи за емигрирање во Kанада,Австралија и во Нов Зеланд. Во периодот од февруари до јуни оваа година ветувајќи им дека ќе им обезбеди виза за споменатите држави им земал по најмалку 600 евра на заинтересираните. Kанцеларијата на агенцијата се наоѓала наспроти Управата на државната полиција во Тирана.
Извори блиски на Полицијата на Албанија во Тирана наведуваат дека е подигната потерница за македонскиот државјанин под името Васко Поп Гонов
– Околу 60 лица пријавиле дека се измамени и оти секој од нив платил по 600 евра во агенцијата за емиграција и вработување чиј законски претставник бил Васко Г. , жител на Република Македонија. Тој им ветил дека ќе им обезбеди виза за Kанада, Австралија и Нов Зеланд. По истрагата доказите потврдуваат дека измамил најмалку 500 лица од кои присвоил најмалку 300 илјади евра – велат во полицијата.
Најверојатно за да биде поубедлив дека работи регуларно, имал вработено две девојки, кои одговарале на телефонските повици и ги примале апликациите за виза. Вкупниот износ за обезбедена виза изнесувал 3.100 евра, а како аконтација плаќале по 600 евра. Откако ќе ги земел парите, од заинтересираните барал цел список документи што требало дополнително да ги достават.
– Многу од измамените ги подготвиле бараните документи, но кога ќе дојделе во канцеларијата да ги приложат, тој повторно ги враќал со образложение дека недостига уште некој документ и оти треба повторно да дојдат – потврдуваат од полицијата.
Тој наводно имал и свој соработник во Kанада, кој на албанските граѓани кои аплицирале за визи им упатувал имејл-порака која наводно била упатувана од адвокатска канцеларија која ќе им обезбедела и првично сместување кога ќе пристигнеле.
Kога полицијата по оперативен пат обезбедила информации дека станува збор за пирамидална канцеларија, тој успеал да ја напушти Албанија заедно со парите.
На разговор во полиција биле повикани и двете девојки што работеле тука. Тие тврделе дека не занеле оти станува збор за лага, но оти Македонецот редовно им исплаќал плата.
Kанцеларијата имала банкарска жиро-сметка од каде што е потрвдено дека сите пари тој веќе ги подигнал. Полицијата како доказен материјал ги земала компјутерите и целата документација.
Дневник