Четиринаестдневно затворање на градинките, училиштата и универзитетите, препорачува Комисијата за заразни болести, која се составува заради преземање дополнителни мерки за справување со коноравирусот, откако досега во земјава се регистрирани седуммина заболени, меѓу кои и директорката на Клиниката за кожни болести.
Мерките, кои ги препорачува Комисијата, се доставени до Владата и за нив треба да се расправа, велат владини извори за МИА.
Комисијата за заразни болести препорачува заострување на мерките и упатува сите основни, средни и високообразовни и институции, како и детски градинки, да запрат со одвивање на наставно-воспитниот процес во наредните 14 дена.
Се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено, сите културни настани на ниво на РМ, а спортските настани да се одвиваат без публика.
Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица, кои доаѓаат од високо и средно-ризичните држави во период од 14 дена.
Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од земјава, освен со посебна довола од Министерството за здравство.
Се препорачува избегнување на патување во земји со висок и среден ризик. Се препорачува на возрасните и повисоко ризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.
Вработените во јавните здравствени установи, кои се ангажирани за потребите на изборниот процес да бидат изземени од натамошно учество и да бидат заменети со други лица.
Листата на земји со висок и среден ризик ќе биде поставена на страната на Министерството за здравство и таа ќе биде секојдневно ажурирана.
Да се воведе хелт локатор карта за сите летови и за сите авиокомпании.
Тие што не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.