Привремено се затворени два угостителски објекта во трговскиот центар Лептокарија и во близина на село Мирковци, Скопско, откако во нив се затруле неколку лица, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство.
Агенцијата во соработка со санитарната инспекција, во саботата извршила инспекциска контрола во овие објектот во Лептокарија, а синоќа во објектот во Мирковци. За утврдување на причините на труењето, инспекциските служби зеле мостри од храната која се послужувала, брисеви од работните површини во угостителските објекти за лабораториско испитување.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство наложиле и генерално чистење, вршење на дезинфекција, како и упатување на вработените на вонреден санитарен преглед.
„Решенијата за времено затворање на објектите ќе останат на сила се додека не се потврди безбедноста, односно, се додека со повторни контроли не се потврди дека од страна на операторите со храна е постапено по дадените насоки од страна на инспекциските служби за отстранување на недолседностите. Доколку се утврди дека труењето е настанато во соодветниот објект, односно дека инфекциите потекнуваат од храната која се послужувала во овие објекти, или од загадени работни површини, согласно одредбите од Законот за безбедност со храна, на операторите со храна ќе им биде изречена и соодветна парична казна“, се наведува во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство.