Затворени продавниците и аптеките во северно Косово


Сите продавници во четирите општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, утрово останаа затворени, во знак на протест поради таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина.

Според радиото на српски јазик од Северна Митровица, Радио КиМ, во овие општини не работат ниту аптеките, киосците и угостителските објекти.

Претседателот на Здружението на стопанствениците во северно Косово, Радош Петровиќ изјави дека мерките на косовските власти го довеле локалното население на работ на хуманитарна катастрофа.

Според најавите, аптеките и трговските и угостителските објекти во местата каде што живеат Србите во северно Косово ќе останат затворени и во текот на утрешниот ден.
Косовските власти и медиумите на албански јазик тврдат дека овие дејствија на локалните српски водачи, по инструкции на Белград и со логистика на криминалното подземје и на нелегалната организација „Цивилна заштита“, се со цел да се инсценира хуманитарна криза, што би требала да резултира со дестабилизација на земјата.

Премиерот Рамуш Харадинај минатата недела изјави дека надлежните служби имаат сознанија и докази за плановите на Белград за предизвикување вештачка хуманитарна криза и дека Владата ќе ги преземе сите потребни дејствија за на жителите во тие области да не им недостасува ниедна животна намирница.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1