Заврши вештачењето и на вториот мобилен телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, потврдија за МИА од Јавното обвинителство, но како што посочуваат, детали не можат да споделат.
По дадени насоки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 23-ти овој месец беше пронајден вториот мобилен телефон на Јанева.
Телефонот, како што соопштија од Обвинителството, бил пронајден со следење на ИМЕИ бројот со помош на мобилен оператор и лицето кај кое бил телефонот рекло дека го добило на подарок.
По издавање на првата наредба за одземање на мобилните телефони, беше пронајден само еден мобилен телефон на Јанева и беше дадена информација дека вториот мобилен телефон бил изгубен.
Телефоните на специјалната јавна обвинителка и се одземени и дадени на вештачење со цел да се види нејзината комуникација со првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13.
Рускоска за Канал 5 кажа дека во телефонот на Јанева немало ништо, односно дека е форматиран со сменет I Cloud.
Инаку за овој телефон, синот на обвинителката Јанева тврдеше дека е изгубен во Белград, но потоа тој беше пронајден во Македонија, кај неговата девојка.