Земјите-наследнички на СФРЈ денеска ќе се состанат во Љубљана


Во Љубљана денеска ќе се одржи меѓународната конференција посветена на „Договорот за сукцесија на СФРЈ – 15 години подоцна“. Конференцијата ја организираат словенечкото Министерство за надворешни работи, Парламентот и високата претставничка за наследство на Република Словенија Ана Полак Петрич.

Како што информираат од словенечката амбасада во Скопје, на конференцијата, на покана на Полак Петрич, ќе учествуваат и претставници за наследство на Македонија Елена Кузмановска, на Босна и Херцеговина Мирсад Жуга, на Хрватска Андреја Метелко-Згомбиќ и на Србија Родољуб Етински.jugoslavija

Предвидено е тие да одржат билатерални состаноци на маргините на меѓународната конференција и да расправаат за методите на работа и за координацијата на идните активности со цел, како што се наведува, да се забрза процесот на спроведување на одредбите од Договорот.

На меѓународната конференција, словенечките и меѓународните стручњаци ќе расправаат за историските, правните и актуелните политички погледи на Договорот, неговото спроведување и реализираните резултати. Тие ќе ги претстават и своите погледи на десетгодишните преговори, кои се водеа до потпишувањето на Договорот, како и на петнаесетгодишниот период од потпишувањето до денес и на значењето на Договорот за иднината.

Се смета дека целосната имплементација на Договорот е темел за стабилни, долгорочни и пријателски односи меѓу државите наследнички.

Државите наследнички на распаднатата СФРЈ: Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија и Сојузна Република Југославија (денес Србија) на 29 јуни 2001 година во виенската палата Хофбург го потпишаа Договорот за прашањата околу наследството на СФРЈ.

Политичкото значење на Договорот е неспорно, бидејќи го потврдува распаѓањето на СФРЈ и ја признава еднаквоста на петте држави наследнички. Договорот е единствен мултилатерален правен акт склучен помеѓу сите држави наследнички, кој ги уредува нерешените содржински и правни прашања поврзани со распадот на Југославија, а кои некои дури го именуваат и „мировен договор“, стои во соопштението.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1