На претстојниот „Санданс“ (Sundance) фестивал во Солт Лејк Сити, ќе биде прикажан документарниот филм за контроверзната религија скиентологија: „Отворено: Скиентологијата и затворот на религијата“, чии следбеници се многу претставници од холивудската елита – од Том Круз, преку Џулиет Луис до Вил Смит.
Документарецот е направен во продукцијата на „Ејџ-би-о“ (HBO), а режисерот Алекс Гибни, завчера за првпат јавно проговорил за ова остварување. Филмот „Отворено: Скиентологијата и затворот на религијата“ е држен во строга тајност од страв дека припадниците на оваа црква ќе се обидат да го стопираат.
Гибни за „Холивуд Репортер“ изјавил дека филмот ќе се базира на најистакнатите членови на оваа религиозна заедница, Том Круз и Џон Траволта. Режисерот истакнал дека критиките се на сметка на нивната лојалност, и покрај сведоштвата за злоставување на членовите и принудната работа.
Во филмот ќе бидат прикажани и разговори со поранешни високорангирани членови на црквата. Поранешната членка Спенки Тејлор, која работела во „Центарот за познати“ во Лос Анџелес со Џон Траволта, ќе сведочи за тоа како црквата ја казнила кога лидерите станале незадоволно со неа – го одземале нејзиното 10-месечно бебе и го ставиле во мал стан заедно со уште 30 бебиња.
Во еден дел од документарецот ќе биде покажан и основачот на религијата, Л. Рон Хубард. Тој пред основањето на скиентологијата пишувал научна фантастика и изјавил:
– Треба да основам религија. Тоа се пари – велел тој.
Никој од Скиентолошката црква не прифатил да се појави во филмот, а минатата седмица купиле цела страна во „Лос Анџелес Тајм“ за да го осудат филмот. Од друга страна, „Ејџ-би-о“ има војска од 160 адвокати, кои го проучиле филмот и подготвени се за нападите на една од најконтроверзните и најзатворени религиозни заедници на денешницата.