Изминативе три дена е зголемен процентот на позитивни случаи на Ковид-19 од вкупниот број на направени тестови. Според министерот за здравство Венко Филипче имавме тренд на опаѓање од 10 проценти, стигнавме донекаде 6,5, а сега е околу осум.
Министерот вчера информира дека деновиве се прават анализи за зголемениот процент на позитивни случаи што ќе продолжи и викендов. Таа анализа, според него, ќе заврши најверојатно во понеделник или во следните први денови од неделата и врз основа на тие проценки ќе кажат на што се должи и дали треба евентуално нешто дополнително да се преземе.
– Секаде каде што има нови случаи, превентивните мерки не се почитувани. Мора сите да сфатат дека така ќе живееме и само така ќе се заштитиме. Само со придржување до превентивните мерки можеме да излеземе од кризата, нагласи вчера Филипче.
Во однос на барањето на родителите на деца до шест години министерот рече дека доволно време траеја сите мерки што се имплементираа во однос на продолжување на породилното отсуство, практично шест месеци.
-Ги укажаа нивните барања, ги слушнавме нивните аргументи и остануваме и понатаму во континуирана комуникација. Во однос на градинките развиени е алгоритми како и што се поставува кога ќе се дијагностицира дете, направени се протоколи за работи. И морам да кажам дека секојдневно ја следиме ситуацијата, рече министерот.