Градските власти ги разгледаа сите опции за проширување на улицата Даме Груев, поточно делницата од трговскиот центар „Палома бјанка“ до Собранието на Македонија.
Kоловозот ќе се шири за сметка на паркиралиштата, кои се дел од Градски ѕид, а улицата ќе има вкупен профил од 17 метри. Паркирањето во овој реон ќе биде решено со катната гаража кај поранешно „Беко“, која е во изградба., пишува Дневник
Во контекст на реализацијата на нова и поширока „Даме Груев“ во блиска иднина, градоначалникот Kоце Трајановски информира дека веќе имале неколку состаноци со претставници од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), на кои разработувале неколку варијанти за решавање на проблемот со столбовите од пасажот на „Макотекс“. Експертите оттаму се задолжени да понудат опции за отстранување на столбовите, а притоа да не се наруши статиката на зградата.
Директорот на ИЗИИС, професор д-р Михаил Гаревски, потврди дека состаноците со Градот се интензивни. Информира дека им понудиле три варијанти за пасажот на зградата на поранешен „Макотекс“. Таа сега е во сопственост на „Макоил“, а Градот со нив треба да договори обесштетување или друго решение за отстапување на дел од површината за да се реализација овој градски проект од голем јавен интерес.
Градоначалникот Трајановски вели дека по проширувањето ќе се смени и режимот на сообраќај во центарот.
– Решен сум оваа улица да стане двонасочна, а „Димитрија Чуповски“, каде што е станицата „Рекорд“, да биде пешачка зона. Таму ќе се движи само трамвајот бидејќи на таа улица поминува неговата траса, а автобускиот сообраќај ќе се префрли на „Даме Груев“ – изјави за „Дневник“ скопскиот градоначалник.
Целта на градската заложба, појасни тој, е решавање на сообраќајниот хаос, кој со години го оптоварува овој реон, особено строгиот центар во делот на станицата „Рекорд“. Фреквенцијата на возила и на автобуси е голема, а со тоа и аерозагадувањето. Откако на „Димитрија Чуповски“ ќе се забрани автомобилски сообраќај, всушност и ќе се заокружи проектот за целосно пешачка зона во „Малиот ринг“, заедно со улицата Македонија.