Планетарната манија по покемоните излуде една 29 годишна Канаѓанка, која за викендов пукала кон трагачите на јапонските видео – чудовишта во населената област на Торонто.
Сведоците велат дека жената се качила на кровот од куќата и со воздушна пушка пукала кон играчите, но за среќа, никого не повредила.
Локалната полиција соопштила дека жената не давала отпор при апсењето и дека е обвинета за поседување и напад со оружје, пренесува Ројтерс.
Секое од обвиненијата повлекува со себе максимална затворска казна од 10 години.
Виртуелно – реалната игра „Pokemon GO“ стана светски хит за кратко време, со што ја дуплираше вредноста на компанијата Нинтендо.
Користејќи ги мобилните телефони, играчите трагаат по покемоните кои се појавуваат во канцеларии, ресторани, по улиците, а поени се освојуваат со движење на прстите по екранот на мобилниот телефон.
Играта е причина за бројни сообраќајки, а минатата недела двајца Канаѓани несвесно илегално ја поминале границата со САД, трчајќи по чуодвиштата од мобилните телефони.