Мистериозна жена сее смрт во Србија. Трагите од нејзината ДНК се пронајдени на експловите со кои се убиени две лица, но и при заплената на голема количина на хероин кај Краљево.
Вечерње новости пишува дека дополнителните анализи на вештачењето би требало да покажат дали оваа жена учествувала во уште некои злосторства.
-Се уште се обидуваме да откриеме која е таа, но засега тоа оди тешко. Самата ДНК не значи ништо кога немаме конкретна личност со која може да ја споредиме. Двата напади со експлозив се извршени на речиси идентичен начин, а за време на увидот е пронајдена иста ДНК, вели неименуван извор за весникот.
Таинствената дама, која бега од полициските раце, по се изгледа дека е член на силна организирана криминална група. Дали станува збор само за трговци со експлозив и наркотици тешко е да се каже, но постојат силни индиции дека оваа криминална група се занимава и со нарачани убиства.
Радоица Јоксовиќ (32), братучед на Небојша Јоксовиќ, заштитениот сведок во судскиот процес против нарко-босот Дарко Шариќ, бил убиен на 3 јули 2012 година во белградската населба Бела вода. Бил усмртен со активирање на експлозивна направа поставена под неговиот сив автомобил “Audi A6”.
Првите резултати од истрагата покажале дека експлозивната направа била поставена под седиштето на возачот. Експлозивот бил активиран далечински, кога Јоксовиќ забавил поради “лежечки полицаец”. Во текот на увидот се пронајдени остатоци од експлозивната направа, а со анализата на материјалните траги од експлозивот и автомобилот биле пронајдени неколку ДНК траги, а било вистинско изненадување кога експертите соопштиле дека, покрај останатото, бил пронајден траг и од ДНК која и припаѓа на женска личност.
Исто така, се претпоставувало дека Јоксовиќ е убиен поради одмазда, односно поради сведочењето на неговиот братучед против најмоќниот нарко-клан. Радоица би ги презел семејните работи, затоа што Небојша го чувала полицијата и имал ограничувања на движењето и средбите со останатите луѓе.
Неколку месеци претходно, на 22 април, во експлозија на бомба поставена под автомобил во центарот на Шабац, тешко бил поведен Раде Максимовиќ (33), познат како Грба. Максимовиќ, кој бил осудуван поради трговија со наркотици, бил префрлен во Ургентниот центар во Белград, каде што набрзо им подлегнал на повредите.
Целиот случај дополнително под превезот на мистерија е обвиен и поради фактот дека траги од ДНК на женска личност биле откриени и во текот на увидот по вооружениот напад на бизнисменот Милан Беко, изведен на 14 ноември минатата година.
Дали станува збор за истата жена, по која полицијата трага поради претходните ликвидации и кривични дела, ќе се знае по објавувањето на резултатите од дополнителните вештачења и анализи.