Во земјава засега останува само една пациентка заболена од коронавирусот. Најновите случаи со двајцата странски државјани се негативни, но предлогот на епидемиолозите е да продолжи уште една недела препораката за неодржување на масовни јавни собири и спортски натпревари без публика.
Од Министерството за здравство вчера излегоа со информација дека тестовите кај двајцата странски државјани, едниот од Сингапур и другиот од Австралија, се негативни. По пријава на хотелот во кој престојуваа во центарот на Скопје, епидемиолози од Центарот за јавно здравје земаа брисеви за тестирање во нивната хотелска соба. Тие ќе бидат упатени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за третман соодветен на дијагнозата. Двајцата странски државјани останаа изолирани во хотелската соба до добивањето на резултатите.
Контролен тест вчера бил направен и врз единствената заболена пациентка од коронавирусот, како и врз нејзината ќерка.
– Тестот на пациентката е негативен на коронавирус, што значи дека опаѓа нејзината инфективност, но согласно процедурата, ќе биде повторен по 48 часа. На корона е негативна и нејзината ќерка, информираа од Министерството.