Чија е вината за високата смртност кај новороденчињата во земјава. Во јавноста ова прашање дополнително се актуелизира откако министерот за здравство Венко Филипче, делумната одговорност ја префрли и кај жените. Од ресорното министерството, денеска во писмено соопштение посочуваат дека прстот за нефункционалниот здравствен систем никогаш не бил вперен кон родилките.
Министерот за здравство Венко Филипче излезе со сет на мерки за намалување на смртноста на новороденчињата. И тоа е добро. Тоа е приоритет бидејќи со години Македонија е прва на листата по смртност на бебиња со црна статистика која е повеќе од двојно поголема од европскиот просек. Филипче не кажа детали како сето тоа ќе се направи, но штом ги најави мерките на голема врата, најверојатно одлучен е во намерата да се стави крај на агонија во која ги губиме најмалите.
Но, во презентацијата на целиот тој сет на мерки, акцентот го стави на жените и вината за предвремените породувања и инфекциите ја фрли токму на нив, идните мајки. Министерот намерно или не испушти да ги спомне матичните гинеколози. Тоа се лекарите кои се во прва линија на фронтот и во нивни раце, нивна е одговорноста, жената на свет да донесе здраво бебе.
Филипче исто така намерно или не заборави да го образложи влијанието на бактериите кои виреат во болниците и чиј процент е многу висок. На ГАК до пред некој месец поради недостиг на инкубатори и малата интензивна нега во еден инкубатор се ставаа по две бебиња. И еве размена на бактерии. Ќе преживее тоа бебе чиј организам ќе успее да се избори и таа мајка ќе има среќа.
„Министерството за здравство и министерот, Филипче во ниту еден момент не ја префрлија одговорноста за ниското ниво на функционалност на здравствениот систем кон идните мајки“, велат од Министерството за здравство
Министерто Филипче на вчерашната прес конференција, потенцираше дека во голема мера одговорноста е кај родилките, но додаде и дека пред се проблемот е во здравствениот систем.
„Според Светската здравствена организација смртноста на родилките е последица на делумната неодговорност на трудниците, но пред се таа се должи на недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките во здравствените установи. Кога станува збор за смртноста на новороденчињата сакам да потенцирам дека таа во голема мера е последица на несоодветната грижа на мајката за своето здравје додека е бремена“, вели Венко Филипче – Министер за здравство
Со реакција се јавија и од здружението за еманципација солидарност и еднаквост на жените.
Според нив во излагањето на министерот, потенцираната несоодветна грижа на жените за своето здравје не може да се земе како клучен проблем за ова прашање особено поради состојбите со недостаток од здравствен кадар како и обезбедувањето на здравствена заштита.
„Според нас во изјавата на министерот Филипче недостасува адресирање на проблемот во однос на високата стапка на доенечка смртност која исто така е значаен проблем во Македонија. Во изјавата на Министерот исто така недостасува образложение за досега утврдените причини за високата стапка на смртност на овие ранливи групи, врз кои се темелат предлог мерките“, велат од Здружение ЕСЕ
Од здружението бараат и подетално образложение на сите предлог мерки за намалување на смртноста на новороденчиња – појаснување на методологијата за детектирање на вистинските причини за смртност, објаснување за тоа која опрема недостасува во родилиштата на секундарно ниво и кои лекови досега не се регистрирани во Македонија, а се животно-спасувачки за мајките и новороденчињата.
Забелешката на јавноста дополнително укажува и на тоа дека засега нема конкретни статистики и анализи за причините за смртност на новороденчиња во земјава
Од Лекарската комора пак со став дека изјавата на министерот треба да се гледа во целина, а мерките кои ги најави велат ќе го подигнат нивото и ќе го обезбедат посакуваниот квалитет на здравствената заштита.
„Тоа треба да биде мотивација за докторите и сите здравствено работници, но и за пациентите, повеќе да работат и да се ангажираат за подигање на здравствената култура, како на сопственото здравје, така и на населението во целина“, велат од Лекарска Комора
Според статистиките минатата година 163 новороденчиња починаа на клиниката за гинекологија, а стапката на смртност во земјава е двојно повисока од европскиот просек.