Жичарницата „Милениумски крст“ од 1 април ќе работи до 18 часот, согласно утврдениот возен ред. Работното време ќе биде од 10 до 18 часот, при што последното возење од долу нагоре е во 17.30 часот, односно во 17.45 часот од горе – надолу.
Успешна година за Жичарницата
Жичарницата, со која стопанисува ЈСП „Скопје“, успешно ја заврши 2018 година. Утврден е зголемен број на продадени билети и приход во споредба со 2017 година. Вкупно биле продадени 166.791 билет, при што е остварен приход од 13.488.230 денари, додека во 2017 година се продале 160.699 билети, а бил остварен приход од 13.287.100 денари.
Во изминатава година најголем пораст е забележан кај продажбата на групните билети за возрасни. Биле продадени 7.420 билети, што е за 1.168 билети повеќе во споредба со 2017 година. Забележан е пораст и на продажбата на билети за враќање и месечни билети.
Од ЈСП „Скопје“ информираат дека посетеноста секојдневно расте, а се очекува таа да бележи пораст и во претстојниот период. Генерално, најбројни се посетите за време на викенди и празници, кога можат да се забележат сите категории граѓани. Скопјани, туристи и жители од другите градови ја користат жичарницата, уживаат во чистиот воздух и природата, панорамски ги разгледуваат градот и планината.
Врз основа на податоците од системот со кој се следи јавниот превоз, од ЈСП „Скопје“ велат дека голем придонес во случајов има и функционирањето на автобуските линии 25 (Транспортен центар – Средно Водно), 25А (Автомакедонија – Средно Водно) и 25Б (Дом на печат – Средно Водно), кои сообраќаат до Средно Водно и кои за време на викенди и државни празници се бесплатни за сите категории граѓани. Од неодамна, поради зголемениот интерес на граѓаните за користење јавен превоз до Водно и жичарницата, ЈСП „Скопје“ го зголеми бројот на автобуси и термини на линијата 25.
Бесплатниот превоз во посочените денови функционира речиси една година и беше инициран од Град Скопје, по предлог на огромен број граѓани, пред сè од еколошки аспект и ставање во контролирано и регулиурано движење до Средно Водно.
Неодамна Жичарницата во рамки на ЈСП „Скопје“ потпиша договор за деловно-техничка соработка со тимот на Жичарницата од Сараево, Босна и Херцеговина. Соработката меѓу двете жичарници ќе значи размена на искуства меѓу двата тима, а по потреба и техничка поддршка.
Соработката, која се официјализира пред десетина дена, всушност, беше начелно договорена при неодамнешната посета на градоначалникот Петре Шилегов на збратимениот град Сараево, каде што годинава во употреба беше пуштена жичарница.
Жичарницата на Средно Водно работи секој ден, освен во понеделник и секој последен вторник во месецот, кога се врши редовен технички преглед на објектот. Првото поаѓање е во 10 часот, а последното возење од горе надолу е во 17.45 часот. Билет за возрасни чини 100 денари за два правци, а 50 за во еден правец. Билет за деца чини 50 денари.
Во вторник, петок, сабота и недела, бесплатен превоз имаат возрасните лица (жени со 62 години, мажи со 64 години). Во среда бесплатно возење имаат учениците од средните училишта чиј основач е Град Скопје и одлуката важи за време на учебната година.
Во четврток бесплатно возење имаат и редовните студенти на некој од државните факултети.
Жичарницата „Милениумски крст“ беше пуштена во употреба на трети јуни 2011 година. Се движи со брзина од 6 метри во секунда и оваа должина ја совладува за 4 минути и 18 секунди. Патниците се распоредуваат во 28 кабини за по осум патници и две кабини за четворица патници. Вкупниот капацитет на жичницата е 1.160 патници на час.