Жилиет Бинош откако помина низ црвениот тепих, облечена во едноставен но гламурозен фустан се расплака на сцената. Во емотивниот говор, славејќи ги директорите на фотографија, на актерката прво и зарипна гласот па и се насолзија очите.
“И кога правиме интервјуа не зборуваме многу за нив, а тие се даваат толку многу. Изборите што ги прават влијаат на филмот. Им се восхитувам”, рече Бинош.
На црвениот тепих таа помина облечена во едноставен но гламурозен фустан Живанши.
“Ако некој ме праша зошто правам филмови, велам дека не е само поради тоа што можам да сретнам одлични режисери и да одбирам прекрасни улоги, туку можам да ја најдам вистината. Можам да ја допрам и да ја најдам вистината”, заврши Бинош пред преполна сала предизвикувајќи стоечки овации.
Специјалната награда “Златна камера 300” за особен придонес во филмската уметност и ја предаде претседателот Ѓорге Иванов, кој и го прогласи фестивалот за отворен.
“Нашата вечерашна приказна почна пред половина век кога двајцата браќа од Македонија, од Битола, купија камера и станаа првите филмски сниматели на Балканот. Македонија 35 години е организатор на најстариот меѓународен фестивал на филмска камера што во нивна чест го носи името Браќа Манаки”, рече претседателот Иванов.
На свеченото отворање беа врачени и наградите на оскаровците Крис Менџис, добитник на „Златна камера 300″ за животно дело и Лука Бигаци, добитник на Специјалната награда „Златна камера 300″.
“Среќен сум оти Македонија го сака филмот, а Битола директорите на фотографија. Ви благодарам”, рече Бигаци.
Оскаровецот Менџис, пак, кажа:
“Голема чест е да се добие оваа награда, од оваа земја што ја чествува и сака кинематографијата”.
Отворањето на фестивалот помина во духот на претходните години, со повеќе од одлична визуелизација и одлично сценарио, а директорката Лабина Митевска, во духот на годинашното мото, порача: “Мечтајте да бидете поблиску до ѕвездите”.