Лидерот на ДУИ, Али Ахмети останува на ставот дека услов за коалицирање на неговата партија е идејата за „премиер Албанец“, но дека сепак сите врати за преговори за формирање на идната влада не се затворени, изјави Насер Зибери, кој пред изборите беше промовиран како кандидат на Демократската унија за интеграција за иден претседател на Владата.
– Според информациите со кои располагам, господинот Ахмети останува на идејата јас да бидам идниот мандатар и досега нема отстапување од таа идеја. Се разбира, не се затвораат сите врати. Впрочем, продуктот создавање парламентарно мнозинство е резултат на преговори и тие преговори ќе ги дадат идните резултати, изјави Зибери во интервју за „Утрински брифинг“.
Според него, Ахмети смета дека државата треба да ги урне последните етнички бариери и да нема резервирана позиција во државата за една или за другата заедница.
– Тоа ќе ги зајакне внатрешните капацитети и државата ќе докаже дека секоја функција е еднакво достапна за секој, додаде Зибери.
Тој вели дека во ДУИ се на ставот оти би било добро да продолжи соработката со досегашниот коалициски партнер, но дека тоа не значи оти е исклучена можноста и за соработка со друг партнер.
Околу можноста СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да си „дадат“ пратеници и во коалиција со другите албански партии, ДУИ да се остави во опозиција, Зибери вели дека за нив како партија не е најважно дали ќе бидат дел од идната владина коалиција, но додава дека никој нема право да тргува со „главите“ на народните избраници.
Тој нагласува дека меѓу партиите на Албанците постои „џентлменски договор“ оти оној што ќе добие макар еден глас помалку, ќе се помири со фактот дека ги изгубил изборите и дека „нема да чека на ред кој мандатарот за покана за преговори за составување на идната влада“.
– На тој план политичките партии на Албанците имаат еден консензус. Дали ќе опстои, не можам да гарантирам, но секако се свесни за реперкусиите и политичката перспектива која може да им се случи доколку без легитимитет бидат носители на извршната власт, а ДУИ ја потиснат во опозиција. Можноста од преземање пратеници од лево кон десно или десно кон лево, мислам дека би било најлошата услуга што може да ѝ се случи на државата. Ние сме длабоко убедени дека волјата на граѓаните треба да се испочитува и немаат право ниту Заев, ниту Мицкоски, ниту Ахмети да бараат пратеник повеќе за да може да формираат влада. Треба да се почитува и начелото победник со победник, додаде Зибери.
Според него, прв приоритет на новата влада треба да биде „соочување со тешките разорни ефекти од пандемијата на здравствен и економски план“.