Даниел Кајмакоски: Мојата победа е чиста како солза!


Гостин во првиот Дневник на МРТ1 беше Даниел Кајмакоски, кој веднаш по пристигнувањето на Белград, од скопскиот аеродром пристигна во студиото на МРТ. Кајмакоски во интервју за МРТ зборува за сите дилеми кои се случија по Скопскиот фестивал…

Колку е чиста вашата победа?

Можеби е почиста од солза, на едно мало невино дете. Апсолутно од моја страна победата е чиста, а дали е заслужена- тоа треба да го каже вкусот на народот. Ние дадовме максимално се од себе од кога бевме повикани на фестивалот. Вложивме многу труд и време во песната, соработувавме со интернационални автори, што зборува за тоа колку ние сакавме да се вклопиме во целиот проект.

dani_thumb_medium500_248

Дали сте на некој начин вмешани во случувањата кои ги истражува полицијата? Имавте ли контакт со осомничената четворка?

Не, јас немав со никого контакт, освен со Валентино кој и не покани да учествуваме на фестивалот. За други луѓе не знам и не ми е јасно што точно се слулчува. После победата прославивме сите заедно, некои од артистие исто беа присутни, славевме до рано, а после тоа заминав во Белград каде снимивме нов спот за нова песна, која ќе биде скоро претставена. Реално, немав време да размислувам за тоа. Првите наслови кои се појавија во српските медиуми, кои беа против мене, дека сум ја местел победата, ме дочекаа во шминкерница. Таа прва информација ме шокира!

Како живеете овие три дена? Како ги преживувате тие написи по медиумите?

Јас навистина навикнав на тоа. Веста во Велес, разни вести дека сум имал девојка, дека сум ја запросил Тамара веќе по десетти пат… Некако сум ладен на тие работи. Воопшто, целиот настан не го гледам како негативен, туку се чувствувам како дел од една револуција, од едно движење, кое ќе биде многу важно за сите нас. Тоа ќе се случи од кога МВР ќе објави точно кои луѓе се инволвирани, ќе сватиме дека сме дел од нешто ново, од некоја револуција- да ставиме крај на некои работи.

Ја споменавте Тамара, таа вчера јавно Ви ја честиташе победата како второпласирана. Како ги доживувате честитките од вашите главни конкуренти?

Како и кога се натпреварував на Х-фактор, многу позитивно. Тоа најмногу ми значи, па така и си го замислувам и македонскиот народ и македонската естрада. Еден на друг да се поддржуваме, да нема суети и да нема љубомора. Ние сме музикален народ и треба еден на друг да се поддржуваме, а не да се понижуваме.

Ја спомнавте Србија, се вративте од Белград, и таму медиумите ги пренесуваат овдешните наслови, кои беа и погрешно протолкувани. Дали можеби тоа го стимулира конкуренцијата во Србија? Вашиот поход кон балканскиот врв тргна токму од Белград.

Од времето на Х- фактор имав многу голема поддршка од луѓето, ама постоеја и такви кои не ми посакуваа добро, дали од медиуми, дали од естрадата. Имав и таму големи сопки, но што повеќе сопки, така побрзо се учи да поминува покрај нив и да чекори над нив. Не знам што мисли конкуренцијата за мене, јас за себе знам дека сум си чист, дека добив поддршка од македонскиот народ и тоа ми е единствено важно.
Вие сте реалтивно ново лице на естрадата, но од самиот почеток сте блиску до врвот или на самиот врв, сте имале ли досега непристојна понуда?

Никогаш не сум имал таква понуда и немам јас трпение и уши за такви работи.

Има ли музичка мафија во Македонија?

Ќе ни објави МВР се надевам во скоро време.

Во таа смисла значи ја поддржувате акцијата на полицијата?

Апсолутно, јас го поддржувам тоа и очекувам што побрзо да се реши овој настан, да се објави што се случува, бидејќи моментално веста низ Европа и низ светот е дека победникот на Скопје фест си ја наместил победата. Тоа за мене и за сите нас не е добро, но ако ја решиме оваа работа ќе сфати цела Европа и цел народ дека сме дел од едно позитивно движење, дека Македонија се потруди да преземе мерки против корупција и манипулација, да се разјасни работата и да си ја претвориме пораката во најпозитивно светло што може, како што заслужуваме.

Во очекување да се расчистат сите сомнежи, што подготвува, што планира Даниел Кајмакоски?

Очекувам да се каже точно кој е инволвиран во целата ситуација, кои пејачи се вклучени. Очекувам да се потврди дека мојата победа е чиста и тоа ќе се случи. Еве една молба од мене ако може што побрзо да се расчисти целата ситуација, бидејќи јас и мојата екипа немаме ништо со тоа. Мислам дека народот тоа го знае и дека е свесен. Но, многу е битно ако ја расчистуваме работата да се расчистува во детали- да бидат сите тие имиња објавени и да немаат тие луѓе пристап до музичкиот свет, да можеме да си ги откриваме талентите сами и да можеме да напредуваме сите заедно како голема македонска естрада бидејќи имаме неверојатни таленти. Тоа ми е мене лично многу важно.

Даниел Кајмакоски постепено го освојува Балканот. Имате ли амбиција и можност за подалеку?

Да, секако. Не си поставувам сам себе си граници. Ако можам да го имам некој ден Светот – си го посакувам. Ако има Свет подалеку од овој Свет, и него ќе си го посакам.

Од што се плашите?

Од мајка ми кога е лута!

По природа сте оптимист или песимист?

Оптимист дефинитивно.

Ви удри ли славата во глава?

Сеуште не!

Kurir.mk

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1