И Гоце Делчев се кандидира за градоначалник


Кандидатот за прв човек на Општина Гази Баба, благодарение на моќта на своето звучно име, темата за локалните избори ја изнесе и надвор од Македонија. Кандидатот на СДУ, Гоце Делчев (Toдев), вели дека неговото име во земјата на сеирџиите може да биде повеќе хендикеп отколку предност

goce delcev izboriГоце Делчев секојдневно работи на терен обидувајќи се да го зголеми својот публицитет кај граѓаните. Кандидатот на Социјалдемократската унија за прв човек во Општина Гази Баба, благодарение на моќта на своето звучно име, темата за локалните избори ја изнесе и надвор од Македонија. Како што самиот вели, деновиве со него контактирале медиуми од Бугарија, кои се интересирале дали постои некаква роднинска врска меѓу него и познатиот револуционер.

„Им ја кажав вистината. Неслучајно го носам името на македонскиот револуционер. Кога Гоце Делчев ги учел своите ученици во селото Немањици, родното место на Тодор Александров, знаел да се скрие во куќата на мојот прапрадедо Тоде. Тие биле побратими. Затоа и родителите ми го дале тоа име“, вели Гоце, кој признава дека роденото име му е Гоце Тодев, а дека потоа го додава Делчев, меѓу другото, и од причина што неговиот татко се вика Делчо.

На Гоце, кој има работено во Армијата, а сега е вработен во МВР, не му е прв пат да влезе во изборна трка. Два пати се пробал на парламентарни избори како кандидат на ТМОРО-ВЕП и пред четири години се обидел да стане и советник во Град Скопје. Свесен е дека е во финансиска инфериорна положба во однос на кандидатите на поголемите партии, а јасно му е и дека неговото име во земјата на сеирџиите може повеќе да значи хендикеп отколку добивка.

„Еве и сега додека разговарам со вас, вие не знаете точно кој сум и што сум, па може мојата кандидатура да ја врзете со моето име и да правите мајтап од тоа. Но, не треба да биде така. Големите партии го узурпираа просторот на граѓаните кои имаат што да кажат. Ги познавам многу добро проблемите на жителите на Гази Баба и знам што треба да се направи за да им се подобри животот“, тврди Делчев, кој смета дека не му се потребни билборди, бидејќи самиот себеси се доживува како подвижен билборд.

Утрински весник

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1