Истекува мандатот на градоначалниците – ќе има решение или колапс на општините?


Мандатот на градоначалниците и на советниците во општините истекува денеска, а локални избори сè уште не се распишани. за денеска закажа состанок на претставниците на пратеничките групи кои треба да се договорат за законски измени за евентуално продолжување на нивниот мандат и за распишување на локалните избори. 

Доколку на координацијата политичките претставници се согласат за датум за одржување на локалните избори, може веднаш да се одржи собраниска седница за измени на законите со кои би им се продолжил мандатот на градоначалниците.

Минатата недела и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со свои предлози за термин за одржување на локалните избори. За распишување на локалните избори според СДСМ, неопходно е претседателот Ѓорѓе Иванов да го даде мандатот за состав на нова влада, а потоа законски да се определи датумот. СДСМ рече дека изборите може да се одржат наесен, а најдоцна наредната пролет.

ВМРО-ДПМНЕ, од петокот бара итни локални избори. Партијата предложи четири датуми, најрано во јуни, а најдоцна до октомври да се одржат избори за единиците на локалната самоуправа.

Во петокот Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) упати апел дека ситуацијата е пред аларм затоа што ако денеска не се најде законско решение, ќе настане целосна блокада на општините. Тоа значи дека на граѓаните ќе им бидат ускратени сите услуги што ги добиваат од локалната самоуправа, нема да можат да се исплаќаат плати во институциите под нејзина надлежност, како градинки и училишта и ќе се спречи реализацијата на инфраструктурните проекти, а тврдат дека нема да може да функционира јавниот превоз.

Според ЗЕЛС, можно решение е измена на Изборниот законик во кој наместо првата половина на мај ќе се стави друг датум за кој ќе се договорат политичките партии во Парламентот. ЗЕЛС оценува дека е потребна и измена на Законот за локална самоуправа, како системски закон. Во него пишува дека советниците се избираат за време од четири години, а градоначалниците, пак, дека се избираат секоја четврта година. Тоа, според ЗЕЛС, значи дека со измените на Изборниот законик може да се реши проблемот со градоначалниците додека пак за советниците ќе биде потребна и измена во Законот за локална самоуправа.

 

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1