Крлежите почнаа да напаѓаат, а во здравствените установи се јавуваат и пациенти каснати од змија. По врнежите од деновиве, ако нагло се стопли времето, биолозите објаснуваат дека крлежи ќе има многу повеќе, зашто брзо се размножуваат.
Затоплувањето би им годело и на змиите. А, доколку ве каснат, лекарите апелираат веднаш да побарате нивна помош. Се прават огромни грешки кога луѓето се обидуваат сами да го извадат крлежот од телото. Крлежите носат опасни вирусни и бактериски заболувања, од кои некои се смртоносни.
Забодениот крлеж претставува особен проблем бидејќи тие ги закопуваат нивните глави во вашата кожа и се држат многу цврсто. Доколку насилно го откорнете, неговата глава може да остане во кожата и да предизвика инфекција, па најдобро е да се отстрани со пинцета, во насока обратна од сказалките на часовникот, а доколку тоа не успее, тогаш внимателно изгорете го.Доколку немате пинцета при рака, на газа ставете неколку капки петролеј, парафин, бензин или хируршки алкохол. Кога конечно ќе го отстраните крлежот, исчистете го местото на вашата кожа со сапун и со вода.
На крлежите, објаснуваат биолозите, им годи температура на 15-20 Целзиусови степени. Ги има во тревата. Им годат топлина, влакна и крв, а се хранат со крвта. Затоа и се закачуваат на крзна на животни, на луѓе. Во телото може да се однесат до гениталиите и да направат уште поголеми проблеми. Змиите, пак, ги има на планините, во карпи и под големи камења и високи треви. Змиите се плашливи и главно не напаѓаат без причина. Затоа и не треба да се задеваат.
Кога ќе дојдат до целта, крлежите исфрлуваат течност и со малите клешти ја раскинуваат кожата. Човекот тоа не го чувствува. Течноста што ја исфрлаат спречува згрутчување на крвта, па од местото што го нападнале може да се хранат со крв со недели.
Лекарите велат дека нападнатите од крлеж веднаш треба да се јават на лекар. Објаснуваат и дека прават грешка третирајќи го со масло, гас, лак за нокти…
Крлежите пренесуваат вирусни и бактериски заболувања. Од вирусните пренесуваат: конго-кримска хеморагична треска, воспаленија на мозокот или мозочните обвивки, омска хеморагична треска. Хеморагичните трески се вирусни заболувања со висок процент на смртност.
Од бактериските пренесуваат лајмска треска, рикециози – марсејска треска, повратна треска, како и туларемија. Лајмската болест, позната и како борелија или борелиоза, се препознава по црвена дамка околу местото на убодот. Дамката градациски се зголемува и има тенденција да станува сѐ поголема. Може да се појави и на други места од телото, не секогаш на местото од убодот. Обично се појавува за 1-4 недели од каснувањето. Некои пациенти со лајмска болест имаат симптоми на грип: сувост на грлото, главоболки, треска, болки во зглобовите и во мускулите, зголемени лимфни жлезди. Лекарите велат дека околу 15 проценти од пациентите со борелија развиваат невроборелија, кај која симптомите почнуваат со болки во грбот. Рикециозите, пак, предизвикуваат т.н. епидемичен осипен тифус, трески и се сметаат за сериозни заболувања.
Како да се заштитите од крлежи
- Избегнувајте колку што е можно престој во региони и на локации каде што е познато дека има крлежи
- Носете облека што нема да остава откриени делови од телото
- Краевите на панталоните вовлечете ги во чорапите, блузите/кошулите со долги ракави закопчајте ги до горе
- Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид – перметрин
- Дополнителна заштита ќе ви обезбедат репелентите против крлежи и инсекти што содржат диетилтолуамид (ДЕЕТ), а кои можат да се нанесуваат на гола кожа
- По можно изложување на крлежи, направете детална проверка на телото и на облеката