Во потрага по легендите- Свети Георгиј, во Дрмени – 12 браќа загинале градејќи ја црквата!


Преспа крие безброј легенди, кои може да се слушнат од постарите луѓе. Една од најзагонетните, за која некои веќе слушнале, други пак допрва ќе слушнат е онаа за изградбата на црквата Свети Георгиј, која се наоѓа во Дрмени, близу Царев двор (7 километри од Ресен).

Според податоците, таа е изградена во 1811 година, а при изградбата селаните многу се мачеле, носеле камења, сами граделе, немале донатори, но решиле и ја направиле, оваа убава и голема црква, која денес служи како селска црква тука се прават сите венчавки, крштевки, а непосредна близина се и селските почивалишта.

Но, според кажувањата на постарите, за изградбата на оваа црква отишле дури 12 жртви. загинале 12 браќа. Тие биле качени на скеле во внатрешниот дел на црквата кога удрил  земјотрес и сите паднале еден врз друг, за жал никој не преживеал.

Ова се раскажува, но не се знае дали и црквата тогаш се срушила и наново е градена или останале ѕидовите.

Денешната црква има прекрасен иконостас, напревен некогаш, а од фрески има само две – од лево до олтарот Свети Наум, од десно Свети Трифун, и за да не се оштетат и двете фрески се застаклени. Селаните не знаат зошто нема други фрески, туку ѕидовите се премачкани со бела боја, ниту пак кој го направил тоа.

Пред 15-тина години направена е голема камбанарија во дворот.

Според кажувањата на питропот Илија Питалевски нема запис, ниту архивски материјали за оваа црква Свети Георгиј, но се знае дека постарите верувале дека е правена со големи маки и пот, и дека решиле и направиле голема и убава црква.

– Црквата по малку, кога треба ја поправаме и реновираме со парите кои ги собираме. Пред неколку години на сон на еден човек му излезе да направи црква Света Петка, и сите со здружени сили, со него на чело, ја изградивме Света Петка на неколку километри од селото.

Што можам друго да ви кажам? Велат во секоја црква има по некој смок или змија, која ја чува и која наводно е светецот.

Можеби е така, но јас пролетоска пред влезот забележав голема отровна змија со мали змивчиња и ги отепав, од страв да не каснат некое дете, деца влегувата во црквата, па и голем човек може да настрада, ни раскажа Илија.

Инаку, Дрмени е имотно село со околу 120 куќи, со Македонци. Во селото, речиси на средсело, има џамија. Има и околу 30-тина куќи со Турци- староседелци, од кои речиси сите  се странство, само две семејства живеат тука и соживотот од памтивек  во ова место е повеќе од братски.

Share Button

Tags: , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1