Ѓорѓиевски со прв отчет пред скопјани


Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски по една година мандат денеска даде отчет за сработеното. На прес-конференција се осврна на реализраните проекти, но и на она што следува во наредниот период.

Според Ѓорѓиевски, привршува јавната набавка за изградба на две монтажни катни гаражи со повеќе од 500 паркинг места на Клиничкиот центар, а Скопје е на чекор да добие и брз автобуски превоз.

Ги отстранивме пречките и создадовме услови БРТ конечно да влезе во фаза на реализација. На задоволство на сите, проектот претрпе измени – нема да се сече постојното зеленило на булеварите, автобусите ќе се движат по крајните сообраќајни ленти, а дополнително ќе се засади ново зеленило како природна бариера меѓу БРТ коридорот и останатиот сообраќај, посочи Ѓорѓиевски.

Во делот на сообраќајните решенија, скопскиот градоначалник го спомена градскиот воз кој почна да сообраќа од 1 септември, а за Јавното сообраќајно претпријатие рече дека има заштеда од половина милион евра за гориво и дополнително се вклучени во сообраќај 50 поправени возила, споредено со првите шест месеци од истиот период лани.

 По цела една деценија Скопје ќе добие нови 100 еколошки автобуси. Завршена е набавката во Министерството за транспорт и следува испорака на возила кои веднаш ќе се вклучат во јавниот превоз, посочи Ѓорѓиевски.

Градоначалникот се пофали и со консолидација на финансиската состојба на претпријатијата коишто се под надлежност на Градот. Според Ѓорѓиевски, консолидирана е финансиската состојба на Градот, и покрај наследениот долг од речиси 300 милиони евра и девастирани јавни претпријатија.

Град Скопје ги намали тековните обврски за 322,1 милиони денари и за дополнителни 743 милиони денари по основ на кредити, неисплатени експропријации, изгубени судски постапки со камати и судски трошоци, неисплатени субвенции и преземени програмски активности. Обврските се значително намалени во сите јавни претпријатија: „Водовод и канализација“ – за 1,66 милијарди денари; ЈСП „Скопје“ за 634 милиони денари; „Комунална хигиена“ за 122 милиони денари; „Паркови и зеленило“ за 114 милиони денари; „Градски паркинг“ за 53 милиони денари; „Улици и патишта“ за 32 милиони денари, рече Ѓорѓиевски.

Според него, откочена е и изградбата на новата пречистителна станица за отпадни води што се гради во Трубарево, која веќе е 40% реализирана, а прстигната е и првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери.

По спроведената физибилити студија, забрзано се одвива и процесот за одгасување на депонијата „Вардариште“ и на безбедно се отстранува површинскиот слој од депонираниот мешан и градежен отпад на депонијата. На ова место ќе никне современ мега парк на површина од околу 600.000 квадратни метри, простор за рекреација и чист воздух, новите бели дробови на градот Скопје.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1