Граѓаните на Македонија ќе можат да користат бесплатен дигитален паричник преку мобилната апликација „м.Услуги“, која ќе овозможи полесен пристап до електронски документи и државни услуги, без непотребно одење на шалтер.
Ова го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Од четврток, граѓаните ќе можат да го користат електронскиот паричник на своите мобилни телефони, преку кој ќе имаат пристап до дигитални верзии на личната карта и возачката дозвола. Официјалната промоција на апликацијата е закажана за утре.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека апликацијата е дизајнирана со посебен акцент на безбедноста и заштитата на личните податоци. Според него, корисниците ќе можат самостојно да избираат кои информации ќе ги споделуваат при идентификација во банки, угостителски објекти и други институции, без да мора да ги откриваат сите податоци од документите.
Споделувањето ќе се врши преку QR-код за еднократна употреба, кој ќе истекува по 10 до 15 секунди и нема да може повторно да се користи. Податоците ќе бидат достапни само со согласност на корисникот. Андоновски посочи дека воведувањето на електронскиот паричник е почеток на поширок процес на дигитализација, чија цел е постепено воведување нови услуги и документи, како дел од патот кон европскиот дигитален паричник.
Апликацијата ќе биде достапна за корисниците на Андроид и Ајфон, на македонски, албански и англиски јазик.
Граѓаните кои веќе имаат кориснички профил на порталот uslugi.gov.mk или го користат системот е-ППД на Управата за јавни приходи ќе можат да се регистрираат преку мобилен телефон. Останатите ќе треба еднократно да го потврдат својот идентитет.
Дигиталниот паричник ќе биде заштитен со ПИН-код, а ќе постои и можност за биометриска заштита.
Андоновски објасни дека во почетната фаза граѓаните ќе мора да ги носат постојните физички документи, бидејќи институциите треба дополнително да се подготват за целосно признавање на електронските верзии. Целта е до 2027 година Македонија целосно да се усогласи со европските правила за дигитален идентитет.
Министерот нагласи дека користењето на апликацијата нема да се наплаќа.
Проектот е реализиран со грант од еден милион евра преку програмата „Дигитална Европа“, а во неговата изработка учествувале македонски инженери и програмери.








