Италијанскиот весник „ Ла Верита“, утрово објави нов запис во траење од 12 минути составен од серија разговори меѓу Јордан Камчев,осомничен во случајот империја на СЈО иБојан Јовановски и Зоран Милевски кои се осомничени во случајот„Рекет“. Во една од снимките се појавува и гласот на шефот на СЈО Катица Јанева. Таа му вели на осомничениот Камчев – „не се секирај се ќе биде ОК“.
Јанева, која е на одмор во странство, експресно преку писмено соопштение поставено на сајтот на СЈО, ја потврди автентичноста на снимката и даде свое објаснување.
„Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина“, тврди Јанева.
Во соопштението Јанева наведува дека е „фрапирана од фактот“ што нејзините постапки како специјален јавен обвинител се носат во корелација со случајот „Рекет“.
„Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име“, напиша Јанева.
Со соопштение се јави иобвинителката Лиле Стефанова, која го водеше предметот „Империја“. Таа нагласи дека одлуката да се укине куќниот притвор на осомничените во слулчајот и да им се вратат пасошите била на Јанева и дека таа не се согласувала. Стефанова даде хронологија на настаните
„Одлуката да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев, Катица Јанева ја донела во време кога јас користев годишен одмор и за истата не ме извести. За оваа одлука дознав од обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење“, тврди Стефанова.
Иако шефот на обвинителството за гонење на организиран криминал, Вилма Рускоска, на самиот почеток потврди дека имаат снимка на која се слуша Јанева, таа досега не беше повика да даде исказ во рамките на истрагата. Двата телефони на Јанева беа одземени за вештачење кое покажа дека едниот е форматиран и се избришани сите податоци.