Ќе се одлучува за нови рестрикции – уште 535 заразени, над половина во Скопје


Нов негативен рекорд вчера во КОВИД-статистиката – 535 заразени во 24 часа, од кои над половината односно 277 се во Скопје. Од 2445 направени тестови, вирусот е потврден и кај 30 луѓе во Струмица, 26 во Прилеп, 24 во Гевгелија и 22 во Штип. Двоцифрени бројки на новозаразени имаат и Тетово – 18, Куманово – 17, Кичево – 15, Битола – 13, Кочани – 12 и Велес – 10, а под десет нови случаи со вирусот имаат уште 16 општини.

Blood sample with respiratory coronavirus positive

Во билтенот вчера се регистрирани и шест починати пациенти на возраст од 55 до 72 години и со нив вкпно 815 ја изгубија битката со коронавирусот од почетокот на епидемијата во земјава. Оздравени вчера се 168 пациенти и вкупно 16 758 од заразените 22 170 досега. Во моментов активни случаи има 4597, од кои 2178 во Скопје.

Следува Струмица со 303 активни, Тетово 233, Кочани 199, Прилеп 192, Куманово 184, Штип 143, Битола 113, Гевгелија 112 и Делчево 102. Кај скопските општини трицифрени бројки на болни во моментов имаат: Аеродром 429, Центар 395, Карпош 373, Кисела Вода 257, Гази Баба 213 и Ѓорче Петров 183.

Комисијата за заразни болести денеска на состанок ќе одлучува за нови мерки. Министерот за здравство Венко Филипче вчеравечер изјави дека тие би вклучувале рестрикција на јавниот превоз, ограничување на работа на угостителски објекти, одредени економски субјекти, компании и секаде каде што се смета дека има ризик. Дел од мерките може да се таргетирани во некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава. За воведување полициски час, рече, лично смета дека во овој момент е сè уште рано, но во даден момент и тоа може да биде предложено.
– Еден од најдобрите параметри коишто ги следиме е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетот се исполнува. Само претходниот ден имаше голем број на приеми. Во функција е модуларната болница со дополнителните тимови. Болницата во Козле, исто така, е спремна. Но, гледаме дека се исполнуваат капацитетите и согласно со тоа можно е да предложиме и дополнителни рестрикции, рече министерот за здравство.

Вчера тој имаше состанок со директорите на установите за да се направи систем на ротација на лекарите специјалисти и медицинските сестри кои ќе работат во модуларното одделение од повеќе интернистички одделенија.

Поради зголемениот обем на работа на епидемилозите во последните денови доцнат и статистиките и се објавуваат навечер. Затоа ќе се ангажираат и студентите од шеста година на Медицинскиот факултет да помагаат во центрите за јавно здравје за правење на епидемиолошките анкети.

За училиштата засега не се размислува за предвремен зимски распуст, зашто е мал бројот на заразени деца во градинките и училипштата и во изолација се одреден процент. Но може, рече Филипче, да се смени функционирањето на наставата со физичко присуство за одредена општина или регион според епидемиолошката состојба.

Министерството за образование и наука вчера соопшти дека владината комисија која ги разгледува барањата од општините, дала согласност настава со физичко присуство да почнат 13 основни училишта, а одбила 25. Владата на седница завчера го усвоила извештајот на оваа комисија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1