НЕМА НОВИ МЕРКИ: Потребни се законски измени за да стапат на сила новите мерки за заштита од ковид-19


Владата на денешната седница не ги прифати предлозите на Комисијата за заразни болести за носење заштитна маска на отворено и за забрана за групирање по домови, со образложение дека за тоа треба да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.

Комисијата на 8 октомври поднесе повеќе предлози до Владата, со рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот, откако бројката на дневно новозаболени од ковид-19 секојдневно почна да расте. Комисијата бара да се забранат семејни собири, слави и прослави во домови, а во домовите да можат да се примат најмногу четворица гости. После 22 часот да се забрани групирање на повеќе од четири лица било да е тоа отворен или затворен простор, како и задолжително да се носат маски секаде, при престој на отворено, на работно место, во јавен транспорт, во приватни возила ако лицата не живеат заедно. Исклучок ќе биде да не мора да се носат маски при спортување и за деца до 6 години.

Комисијата за заразни болести предложи задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема, секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт. Во оваа мерка има неколку исклучоци и тоа за спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство. Исклучок има и за во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија, канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до 6 години, односно за деца од претшколска возраст.

Комисијата предложи и забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе. Предложено е да се забрани и групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.

„Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести“, соопшти Владата.

На оваа седница е усвоено да се склучи договор помеѓу Владата и Глобалниот сојуз за вакцини , за набавка на вакцини за ковид-19 преку ковакс-механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за КОВИД-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација. Владата побара од Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка и го овласти министерот за здравство Венко Филипче да го потпише Договорот за преземени обврски и во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги обезбедат потребните финансии за да се уплати аванс и да се обезбеди финансиска гаранција согласно потпишаниот Договор за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини.

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1