Вкупно 13 авиони во два наврата одненадеж на околу 25 минути исчезнале од радарите, над Австрија и во соседните земји, соопштиле од австриските контроли на безбедноста на летовите, повикувајќи ја ЕУ на истрага за овие досега невидени инциденти.
– Летовите исчезнале од екраните на контролорите на воздушниот сообраќај во Австрија на 5 и 10 јуни, двата пати на по 25 минути – рекол завчера Маркус Поханка од „Аустроконтрол“, австриска организација за безбедност на летовите.
Kонтролите на воздушниот сообраќај во соседните региони во Германија и во Чешка исто така пријавиле слични проблеми. Поханка рекол дека во двата случаја над Австрија исчезнале локацијата, висината и идентитетот на 13 авиони. Тој додал и дека некои соседни земји доживеале слични проблеми.
Дневниот весник „Kуриер“ појасни дека со слични проблеми се соочиле и контролорите на летање во Минхен и Kарлсруе во Германија и во Прага, Република Чешка. Поханка одбил да каже кои биле авиокомпаниите и авионите што исчезнале, но сугерирал дека некои можеби биле патнички авиони, кои летаат на големи надморски височини. Евроконтрол и Европската агенција за воздухопловна безбедност на ЕУ ќе ги испитаат инцидентите.
„Kуриер“ наведува неименуван експерт што вели дека проблемот најверојатно е во пречки во врските помеѓу авионските транспондери и земјата. Некои, пак, причините ги гледаат во вежбите на електронско војување на НАТО, кои се одржуваат во Унгарија.