11 септември 2001 Терористичка група од 19 лица, со четири киднапирани патнички авиони полни со гориво, се урнаа во кулите-близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк и во зградата на Пентагон близу до Вашингтон.
На 11 септември 2001 година два авиона, грабнати од терористи, удрија во кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк и ги урнаа до темел. Трет авион се урна во зградата на Пентагон во Вашингтон, додека четвртиот не успеа да стигне до својата цел, благодарение на, како што се верува, интервенцијате на патниците кои влегле во судир со грабнувачите и тој се урна во државата Пенсилванија.
Терористичките напади предизвикале огромни економски штети, како од директните материјални оштетувања и човечки жртви, така и поради падот на довербата во интегритетот на економскиот и финансискиот систем на САД. Веднаш по нападите биле затворени Њујоршката берза и НАСДАК, и останале затворени дури 6 дена.
Сите летови над САД биле приземјени, а меѓународните летови од и кон САД биле пренасочени. Никакви летови не биле дозволени над територијата на САД во текот на следните 3 дена.
Самите напади предизвикале отштетни побарувања од осигурителните компании во вкупен износ од 20,7 милијарди американски долари
Киднапирани беа:
1. Американ ерлајнс лет AA11, од Бостон за Лос Анџелес, Боинг 767, се урна во северната кула од Светскиот трговски центар во 8:46:30 по локално време;
2. Јунајтед ерлајнс лет УА175, од Бостон за Лос Анџелес, Боинг 767,се урнал во јужната кула од Светскиот трговски центар во 9:02:59
3. Американ ерлајнс лет AA77, од Вашингтон за Лос Анџелес, Боинг 757, се урнал на Пентагон во 9:37:46;и
4. Јунајтед ерлајнс лет УА93, од Њуарк за Сан Франциско, Боинг 757. се урнал во поле во државата Пенсилванија, по борба меѓу патниците и терористите, во 10:03:11, а веројатно терористите имале намера да го урнат врз Конгресот на САД во Вашингтон.
Терористите намерно одбрале за киднапирање големи авиони кои биле тргнати на подалечни дестинации, и поради тоа полни со гориво, секој со по околу 90.000 литри. Во секој од авионите имало барем по еден киднапер кој имал пилотска обука. Под закани, терористите го истерале екипажот од пилотските кабини и го презеле управувањето во авионите.
Во нападите загинале вкупно 2.998 луѓе, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се исчезнати. Во овој збир не се вклучени загинатите 19 терористи.
Жртвите во најголем дел биле граѓани на САД, а останатите се од 79 други земји.
Од падот на кулите, две соседни згради исто така се урнале, а останатите 3 од комплексот на Светскиот трговски центар биле тешко оштетени и прогласени за непоправливи.
Уште неколку околни згради биле уништени или станале небезбедни за користење: Православната црква Св. Никола, зградата на Дојче банк и зградата Фитерман на Колеџот на Менхетен. Зградата на Пентагон исто така била тешко оштетена во еден дел.