Истрагата која се води против непознат сторител се уште е отворена во полицијата. Кој се обиде да изврши атентат врз тогашниот претседател на Македонија Киро Глигоров сеуште е енигма.
Обидот да се убие претседателот на Македонија Киро Глигоров се случи пред хотелот Бристол на 3 октомври 1995 година, во 9 часот и 50 минути додека Глигоров ја минувал редовната рута, како и секое утро, до своето работно место во Собранието.
Бомба поставена во автомобил АМИ 8, експлодира кога автомобилот на тогашниот претседател минувал покрај неа со службено возило. Во атентатот беше употребен автомобил „цитроен ами 8“, бела боја – во кој биле скриени 20 килограми експлозив, активиран со далечински управувач.
Од силината на експлозијата, ситроенот бил целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу.
Автомобилот бил намерно избран за поставување на бомба, затоа што има тенок лим кој може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков шрапнел и го убил возачот на претседателот.
Претседателот Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата, на самото место загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски.
Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и други две лица, Климе Коробар и Јован Атанасовски. Настанот се случи само еден ден по враќањето на шефот на државата од посетата на Белград, каде се сретна со претседателот на тогашна СРЈугославија, Слободан Милошевиќ.
Ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сѐ уште не се познати. Во 1995 година, по неколку месеци од атентатот, како еден од можните атентатори, разузнавачката служба ги посочила „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија.
Потоа, тогашниот министер за внатрешни работи како нарачатели ги посочил бугарската „Мултигруп“ или југословенската „КОС“ но не се пронајдени тврди докази околу нивната вмешеност во атентатот. Подоцна, водството на бугарската организација „Мултигруп“ лично дошло во посета кај Глигоров за да ги отфрли тие шпекулации. Во април 2008 година во Република Македонија дошла информација преку дневните медиуми дека организатор на атентатот била албанската организација „Кос“, но оваа информација не е потврдена.
За време на закрепнување на Киро Глигоров од повредите со кој се здобил, неговата должност ја вршел, според Уставот на Република Македонија, тогашниот Претседател на Собранието на Република Македонија, Стојан Андов. Киро Глигоров официјално на функцијата претседател на Република Македонија се вратил на 10 јануари 1996 година.
За обидот за атентат врз него, Глигоров напиша и автобиографска книга „Атентат – ден потоа“, што ја промовираше во 2002 година.
Истрагата која се води против непознат сторител се уште е отворена во полицијата. Кој се обиде да изврши атентат врз тогашниот претседател на Македонија Киро Глигоров сеуште е енигма.
Првиот претседател на независна Република Македонија, почина на 1 јануари 2012 година на 94-годишна возраст во својот дом во Скопје.