Според последните анализи направени во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на пациенти хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, докажано е присуство на вирус на грип кај три пациенти, од кои кај двајца тип А (H1N1), а кај еден тип А (H3N2). Пациентите ја добиваат потребната терапија и се во добра општа состојба.
Од 1 до 13 јануари годинава, соопшти Министерството за здравство, клинички се пријавени 411 лица со симптоми на грип, со што вкупната бројка на заболени со симптоми на грип, од октомври минатата година до сега, изнесува над 1.000 пациенти.
Комисијата за следење на состојбата со грип на вчерашната редовна работна средба ја разгледала состојбата со грип во државата, при што е заклучено дека бројот на клинички дијагностицирани заболени од грип е помал, во однос на бројот на заболени во истиот период лани, со тенденција за зголемување на бројот на заболени во следниот период.
Комисијата заклучи да се потсетат матичните лекари за потребата за почитување на протоколот за постапување со пациенти со симптоми на грип и потребата за навремена терапија со тамифлу кај пациентите со ризик (деца под две години, бремени жени и хронично болни лица). Лекот Тамифлу е бесплатен и пациентите со рецепт од матичниот лекар може да го подигнат во петте поликлиники во Скопје, во аптеките во здравствените домови низ државата, како и во службите за Итна медицинска помош.