Околу 200 државјани на Косово се борат на страната на Исламска држава. Сепак, официјална Приштина се обидува да се спротивстави на натамошната регрутација
Косовската претседателка Атифете Јахјага соопшти во Вашингтон дека има околу 200 странски борци од Косово коишто се борат на страната на Исламската држава во Сирија и Ирак. Таа тврди дека Косово е една од државите што најмногу се борат против овој феномен, но избегна да одговори на прашањето од Македонската телевизија, колкава е опасноста странски борци од Косово да извршат напади во Европа по враќањето дома.
-Па, како што кажав во обраќањето, Косово е и продолжува да биде една од лидерските држави во регионот за ефективна борба против екстремизмот и секој вид на радикализација. Во последните 2 години, уапсивме 61 косовски државјанин коишто некогаш се приклучиле на ИДИЛ во Сирија или Ирак, затворивме неколку џамии и неколку невладини организации. Тоа имаше влијание и на интензивирање на регионалната соработка, вклучувајќи ги Македонија и Албанија, каде имами доаѓаа во Косово да ги индокторираат луѓето. Ние ја убедивме владата во Македонија да соработува со нас и да ги уапси овие имами коишто доаѓаат од Македонија во Косово. Неодамна видовме дека се издадени потерници за државјани од регионот базирани врз информации што ексклузивно дојдоа од Косовските разузнавачки служби. Ние како Косово, се издигаме над политичката разлика што доминира во нашиот регион, но безбедноста значи се за нашите државјани и треба да се издигнеме над тоа како лидери во регионот покрај политиката. Основната работа што ја заслужуваат нашите државјани е безбедноста и сигурноста, и Косово не прави компромиси за ова, и ќе продолжиме така, изјави Јахјага.
На забелешка во Вашингтон дека Албанија и Косово се двете најкорумпирани држави во Европа, косовската претседателка посочи дека борбата против корупцијата на Косово е отежната бидејќи не се членки на меѓународни полициски организации.
-Косово засега за овие 8 години независност е признат од 110 држави, членка е на многу меѓународни организации, но се уште не е земја членка на Интерпол, Еуропол, СЕКИ и други регионални и меѓународни организации што се бават со безбедноста, поради гласот против од нашиот северен сосед Србија поддржан од Русија. Да точно е, не само Косово, туку и други држави во регионот имаат проблем со корупцијата и организираниот криминал. Ние не можеме да бидеме имуни на тоа, но направивме голема работа во обид да создадеме неопходни механизми за справување со овој феномен, што го држи во заложништво секојдневниот живот на нашите граѓани, поради невработеноста, мал економски развој и малиот интерес за странски инвестиции во нашата земја. Но истовремено дали некој овде може да ми каже како да се бориме против организираниот криминал или поточно корупцијата во изолација, вели Јахјага.
Јахјага побара визна либерализација, бидејќи како што рече Косово е единствената држава во Европа чии државјани не можат да патуваат во Европа без визи.
Косовската претседателка побара во Вашингтон, новиот американски претседател да ја помогне во евроатланската интеграција на државите од Западниот Балкан.