На 8 септевмври 1991 година, граѓаните на оваа земја кажаа Да, за самостоја и независна Македонија.
95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?
На 25 јануари истата година, првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои декларацијата за независност.
Усвојувањето пак на Уставот беше на 17 ноември 1991 година.
Но пречка на сите настани со кои се зацврстија темелите на независноста и самостојноста на македонија беше бојкотот на референдумот на дел од албанските етнички заедници, а пратениците Албанци не го подржаа новиот Устав. Поради тоа после десетина години, незадоволните Албанци мораше да се задоволат поради што веднаш по конфликтот во 2001 година нов Устав – мораше да се надополни, а беше потпишан и рамковен договор.
Низ тие 23 години независност, Македонија се соочува со низа проблеми. Сите тие проблеми меѓу кои како најактуелни може да се издвојат грчкото ембарго, високата инфлација, стапката на невработеност, конфликтот во 2001 година и приливот на косовските бегалци се само еден мотив и предизвик за голема борба, за зајакнување на демократијата слбодата на говорот како и евроинтегративните процеси.
Последниве години ги одбележа процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната потребни за членство во НАТО.
Честитка од Премиерот на Р.Македонија – Никола Груевски
Почитувани граѓани,
Денот на независноста 8 септември е празникот со кој се одбележува раѓањето и се слави опстојувањето на независна и суверена Република Македонија. Ова е празник кој преставува остварување и континуитет на трудот, вложувањата и пожртвуваноста на многу генерации граѓани кои живеа со мислата за слободна и самостојна држава, но ова е и ден со кој се празнува и мудрата одлука на огромното мнозинство граѓани кои заокружија ДА и се определија за самостојна Македонија.
Оваа година се одбележуваат 23 години од независноста на државата, години низ кои граѓаните покажаа зрелост, мудрост и капацитет, години на предизвици, на успеси и премрежја, но и време низ кое покажавме како држава дека умееме да се носиме со големата одговорност да се управува со сопствената судбина, и да се носат самостојно одлуки.
Денес Република Македонија има цврсто зацртани цели и визија. Нашата најголема задача е да го подобриме животот на граѓаните, да отвораме нови работни места, и да придонесеме за економски развоj и општествен напредок кој државата ќе ја напрaви посилна, а граѓаните посреќни и сигурни. Тоа е задача во која сите треба да придонесуваме, но и наша обврска за идните поколенија.
Овој празник треба да не потсетува на предизвиците кои сме ги надминале, но и да ни даде сила и мудрост да продолжиме понатаму. Меѓусебното почитување и единството е тоа што може да не однесе понапред и кон побрзо остварување на овие наши цели, бидејќи единството гради иднина!
Секој од нас има сон и идеи за својата иднина, но она што е најважно е идејата за заедничка иднина. Идејата дека само сплотени во единство можеме заедно да изградиме сигурна иднина за успешна Македонија.
Нека ни е честит и вековит Денот на независноста, големиот државен празник 8-ми Септември !
Никола ГРУЕВСКИ – Премиер на Р. Македонија