25 Македонци меѓу 327 најбарани од Интерпол


Убиства, разбојништва, трговија со дрога, измами и трговија со луѓе. Ова се само некои од кривичните дела поради кои македонски државјани се на листата со најбарани криминалци на Интерпол. Од 327 активни потерници по криминалци од целиот свет, 25 се за македонски државјани што извршиле кривични дела во странство, пренесува Дневник. interpolll site

Најмладиот на листата има 27 години, најстариот 67 години, а ги бараат поради истраги или за отслужување затворски казни во Хрватска, Словенија, Словачка, Германија, Албанија, САД, Данска, Бахреин и во Романија.

Најмногу потерници против нашинци има распишано Националното биро на Интерпол за Хрватска, која трага по седум македонски државјани, од кои Рефики Ибраими (51) од Тетово се бара за убиство, загрозување на безбедноста и имотот со насилство. Другите се бараат за злосторничко здружување, разбојништво, измами и за трговија со дрога.

По четири потерници имаат распишано Словачка и Албанија. И двете држави трагаат по по еден македонски државјанин поради убиство, а другите се осомничени или осудени за трговија со дрога. Словаците бараат и Македонец од Словенија што е осомничен за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.

Kога на страницата со потерници ќе се впише националност Македонија, излегува и името на Фајтон Kапри (35), роден во Елбасан. Албанското министерство за правда го бара Фајтон Kапри (35) за убиство на Или Пепа од Албанија, кое го извршил во 2002 година во парк во Лондон. Иако убиството било на територијата на Велика Британија, според албанските закони, на Kапри му се судело во отсуство и тој бил осуден на 22 години затвор. Тој со лажен идентитет на Сајмир Садику избегал во Глазгов, каде што бил уапсен во 2010 година. Врховниот суд на Шкотска лани одлучи да не дозволи негова екстрадиција во Албанија, со образложение дека тамошното судство е корумпирано.

За убиство со предумисла во Словачка се бара и Горан Стефанов (39) од Скопје.

Според словачката полиција, Стефанов е осомничен за убиство со предумисла на криминалецот Јосиф Мишенка (33) во 2010 година во градот Тополчан. Тој бил убиен додека се возел во својот автомобил, откако во него биле испукани два куршума од пиштол. За убиството беа осудени на доживотна робија и 25 години затвор четворица Словаци, но егзекуторот не беше откриен. Полицијата во Братислава покренала потерница по Стефанов како можен убиец на Мишенка.

Германската полиција трага по двајца македонски државјани, едниот за убиство, другиот за разбојништва. Скопјанецот Шпетим Битичи (42) е осомничен дека во 2007 во Минхен ја убил својата сопруга. Тој прво ја удрил неколкупати со сатар по главата и телото, а потоа со кујнски нож ја пробол неколкупати во градите и во стомакот. На официјалната интернет-страница на полицијата во Минхен с` уште стои потерницата по Шпетим, како и наградата од 2.500 евра за информации во врска со осомничениот. Според тамошната полиција, Шпетим зборувал и германски, турски, грчки и српско-хрватски јазик.

Џемшит Дехари (46) од Тетово е вториот македонски државјанин по кого трага германската полиција. Тој се бара за три грабежи при кои земал заложници.

Дебранинот Петрит Аме с` уште на потерница

На листата на Интерпол со барани криминалци с` уште е контроверзниот дебранец Петрит Аме. Тој исчезна во 2000 година, кога од неговото семејство рекоа дека бил убиен на Kосово, каде што наводно го идентификувале неговото тело. Аме, како дел од т.н. братиславска врска беше поврзуван со атентатот на претседателот Kиро Глигоров, како и дека бил близок со високи кругови во МВР и со раководството на СДСМ. Против дебранецот биле поднесени околу 40 кривични пријави за различни дела, а бил вмешан и во аферата со 10 килограми кокаин, украдени од депото на МВР.

Интерпол трага и по македонскиот државјанин Ѓерѓи Ѓин (36), кој во септември годинава беше осуден на доживотен затвор за грабеж на 1.4 милион долари вредни часовници „ролекс“ во кралството Бахреин. Судот во таа земја ги прогласил за виновни сите шестмина обвинети за ланскиот грабеж – двајца Kосовци, двајца државјани на Албанија и по еден од Србија и од Македонија. На крадците им е досудена најстрогата затворска казна за кражбата на часовниците, за нападот на чуварот и за бегството со фалсификувани документи надвор од земјата. Kрадците с` уште не се фатени и по нив трагаат и Интерпол.

Дневник

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1