grip– Кај тројца пациенти од Тетово е дијагностициран грип од типот А Х1Н1, со што и официјално е потврден почетокот на сезоната на грип во Република Македонија –  изјави Голубинка Бошевска од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Децата биле амбулантски прегледани, а нивните примероци земени од екипите на Центарот за јавно здравје – Тетово биле испратени на анализа во лабораторијата на Институтот за јавно здравје на Република Македонија. Примероци од уште три лица од Тетово со симптоми на грип биле испратени во лабораторијата на Институтот, но кај нив лабораториски не е потврдено присуство на грип.

– Во Европа бројот на анализирани случаи е многу мал. Од вкупниот број на пристигнати примероци во европските лаборатории 71 процент е инфлуенца А, 45 проценти е Х1Н1, 55 проценти е Х3Н2, а 29 отсто отпаѓа на инфлуенца Б, рече Бошевска.

infektivna1Благоја Алексовски од Институтот за јавно здравје истакна дека просечно неделно регистрираат околу 60 новозаболени случаи и вкупно за овие 10 недели откако почна сезоната на грипот се регистрирани околу 432 случаи на грип во Македонија.

– Најмногу регистрирани случаи има во Скопје, Струмица, Тетово и Куманово, но тоа се релативни бројки бидејќи бројот на заболени веројатно е многу поголем со оглед на тоа што не се сите пријавени и регистрирани, вели Алексовски.

Треба да се избегнува контакт со заразени лица, да се внимава на хигиена на рацете, да се избегнува престој во затворени простории кои треба да се проветруваат, а болните не треба да одат на работа, во училиште и во градинка и да ја примаат терапијата препорачана од матичен лекар затоа што може да се јават и компликации кои предизвикуваат и смртни случаи.

Важно е да се внесува исхрана богата со витамини, минерали и да се консумира повеќе течности, како и да се има физичка активност.

Канал5