Претставници на од полицијата од Прилеп и граничната полиција, синоќа во просториите на невладината организација „РОМА С.О.С.“ одржаа средба со жители на населбата „Тризла“, населена претежно со граѓани од ромската етничка заедница. Најголемиот дел од присутните беа Роми кои при обидот да отпатуваат во една од земјите на ЕУ, под претпоставка дека се баратели на азил, биле вратени од македонската граница.
Една од оние на кои македонските погранични служби не ѝ дозволиле излез од државата заради сомневање дека е потенцијален барател на азил, е Филипа.
Во обидот да го посети синот во Германија, иако со себе ги имала сите неопходни документи за патување во странство, на Филипа не ѝ било дозволено да ја премине државната граница. Ноќта во 1.30 часот, била задржана, а потоа и вратена од граничниот премин Табановце.
„Имам важечки биометриски пасош, 2 гарантни писма, и од Австрија и од Германија, патничко и здравствено осигурување, но сето тоа не беше доволно за да ја напуштам државава. Им кажав дека носам 600 евра, а тие ме прашаа како мислам да поминам 90 дена со толку пари? Во гарантното писмо кое го испрати син ми, јасно пишува дека сите трошоци за мојот престој во Германија одат на негова сметка. Јас не одев ниту на печалба, ниту на шетање, туку одев да му помогнам на син ми околу обврските со бебето. Ме вратија, а јас и денес не знам зошто“, револтирано прашува Филипа.
Ибраим е сопруг и татко на петмесечно бебе. Пред извесно време, неговата сопруга и бебето биле спречени во намерата да отпатуваат во Австрија.
„Во автобусот со кој патуваа само таа беше Ромка, другите беа Македонци и Албанци. Иако ги имаше сите потребни документи, полицијата не ја пушти преку границата. Од сите патници само неа ја сметнаа од автобусот и ја вратија назад. Кога го прашала полицаецот зошто не ја пушта да помине, тој ѝ рекол „оти така сакам“. После една недела повторно пробаа да заминат, имаа со нив 2.500 евра, ама пак ги вратија. Торбата со алиштата ѝ ја клоцале со нозе. Срамно е тоа што ѝ го прават на жена со бебе само затоа што е Ромка“, вели Ибраим.
Во „РОМА С.О.С.“ немаат точен податок за бројот на Роми од Прилеп кои полицијата ги вратила од граничните премини, но тврдат дека тој не е помал од 300 и дека постои тенденција на негово континуирано зголемување. За нив, ваквите показатели се потврда за систематската дискриминација кон ромската заедница во остварувањето на нивното право на слободно движење.
Nova.TV