Крстот во Аеродром е готов . Светскиот македонски конгрес најавува дека тој, дефинитивно, ќе светне за Велигден, пишува Вест.
„Основата е готова,а монтажниот дел се довршува. Челичната конструкција е речиси готова и се премачкува со златна боја. Обезбедено е и осветлението кое ќе биде со лед диоди на сончеви панели. Станува збор за конструкција од 80 тони, висока 56,5 метри, со распон на краците од 34 метри. Христовото воскресение годинава граѓаните ќе го дочекаат со трет по висина крст во светот“, вели Тодор Петров, претседател на СМК.
Крстот во Аеродром почна да се гради во декември минатата година, во зеленилото меѓу булеварите Трета македонска бригада и Србија.
Треба да биде висок 51 метар, а широк четири метри.
Ќе стои на постамент висок 5,5 метри и на него треба да има галерија на две нивоа за потребите на верниците.
Околу него, пак, се планираат зеленило, пешачки патеки и клупи.
Изградбата на крстот е дел од одбележувањето на 2000 години христијанство, на иницијатива на СМК, со цел да се поврзат населбите Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба.
Откако ќе се изгради крстот, ќе и се предаде во сопственост на општина Аеродром и на нејзините жители.
Вест