Седумдесетгодишниот Трајко Кузмановски е кумановецот кој доби стан во првото извлекување од наградната игра „Фискална во рака – награда без мака“, организирана од страна на Државна лотарија на Македонија под покровителство на Министерство за финасии на Република Македонија.
Кузмановски веќе неколку години е пензионер. Тој имал сопствена берберница во кумановската населба „Средорек“ во која работел 40 години. Денеска е радосен ден за него и неговата 66 – годишна сопруга Дејка, како и за неговите два сина и снаи и четирите внуци.
– Не очекувавме дека ќе добиеме награда. Пративме два коверти со фискални сметки. Едното на мое име, а второто на име на сопругата. Им порачувам на граѓаните да учествуваат во оваа наградна игра, вели Кузмановски. Неговата сопруга Дејка е пресреќна, станот вели ќе биде за внуците кои ќе студираат во Скопје.
Семејниот дом на семејството Кузмановски денеска беше претесен да ги прими роднините и пријателите кои им честитаа за добиениот стан во наградната игра.