Асанж доби азил во Еквадор


Еквадор му даде политички азил на Џулијан Асанж. Основачот на “WikiLeaks“ се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон од 19-ти јуни, откако официјално побара азил.

Претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа, се согласи да му даде азил на основачот на “WikiLeaks“, пренесува британски “Guardian“ повикувајќи се на извори од еквадорската амбасада.

Меѓутоа, останува нејасно дали по добивањето на азил, Асанж ќе може да замине од  Британија и да оди во Еквадор, затоа што ако ја напушти амбасадата ќе ги прекрши условите за пуштање на слобода од притвор со кауција.

Британската полиција, според меѓународните дипломатски договори, нема право да го уапси додека е во странска амбасада.

Иако еквадорскиот претесдател на националната телевизија изјавил дека треба добро да ги разгледа законите за да одлучи дали ќе му даде азил на Асанж, сепак, неименуван извор, близок на државниот врв, изјавил дека веќе е одобрен азил за основачот на “WikiLeaks“.  Изворот додал дека престедателот ја донел оваа одлука иако знаел дека ќе ги налути САД, Велика Британја и Шведска, но сепак тој сакал да застане на хуманата и праведна страна.

Џулијан Асанж е по потекло од Австралија. Тој го разбесни Вашингтон кога на неговата интернет страна “WikiLeaks“ во 2010 година, обелодени стотина илјади доверливи дипломатски тајни на САД.

Шведското обвинителство го бара на распит, под сомнение дека извршил сексуален напад, што Асанж одлучно го демантира.

Основачот на “WikiLeaks“ стравува дека ако биде екстрадиран во Шведска, подоцна би можело да го пренесат во САД, каде најверојатно би го тужеле за шпионажа.

Tags: , , , , ,

Ивана Терзиевска

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1