Со помен парастос на православните гробишта во Челопек, како и кај разурнатиот мотел Бриони каде што загинаа Светослав Трпковски и Боге Илиевски, нивните роднини и пријатели денеска ја одбележаа 13 годишнината од овој трагичен настан.
– Се собравме овде и на ова место каде пред 13 години на кукавички начин беа убиени нашите мили и во Христа браќа Боге и Светослав, да се помолиме на Господа да ги услиша нашите молитвии нивните души да ги насели во царвството небесно. Нека им е вечен спомен, рече во својата беседа отец Ненад Ѓорѓески.
Илиевски и Трпковски беа убиени на 26 август 2001 та година од се уште непознати сторители така што со динамит биле врзани за потпорните столбови и кренати во воздух со мотелот Бриони кај Челопек. Нивното загинување се случи две недели по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и 5 дена по разурнувањето на Лешочкиот манастир. Овој случај беше опфатен со автентичното толкување на Законот за амнестија заедно со останатите три хашки случаи.
Во непроменета состојба е и разурнатиот мотел Бриони бидејќи дел од албанското население од Челопек се противи земјоделската задруга Единство да продолжи да стопанисува со него.