Сведокот на СДСМ, српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини денеска се појави во Основниот суд Скопје 2, сведочеше во случајот во кој премиерот Никола Груевски го тужи лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за клевета.
Газда Нини рече дека бил непријатно изненаден кога го повикале да сведочи, бидејќи, како што нагласи не се пзонава ниту со Груевски, ниту со Заев.
-Со премиерот се немам видено никогаш во животот. Ниту за Македонска банка сум имал разговор со него и немало потреба за тоа, акциите беа продадени на берза и може да ги купи кој сака. Си има брокери кои тоа го работат. Продавачот јас не го знам. Јас не знам кој е сопственик на акциите, ниту сум можел да знам. Тужителот не го знам, ниту негокогаш сум го познавал, рече Газда Нини.
Адвокатот Никола Додевски уште еднаш го праша дали има вистина во тврдењата дека Груевски преговарал и дал поткуп било директно или преку друго лице, Нини рече дека нема вистина.
-Немам со било кој разговарано на таа тема, ниту сум дал поткуп, рече Стефановиќ, по што завладеа штама во судницата.
Тој истакна дека ниту се познава ниту контактирал со Ден Дончев за кој СДСМ тврдеше дека е клучниот сведок во случајот.