Деновиве со актуелната метеоролошка состојба , разно разни медиуми во желба за посета и читател плус, се впуштија во креирање на паника, именување на цилкони, извртување на изјавите на официјалните метеоролози и што уште не. Она што „боде“ очи е моментот на именување на секое циклонче кое ќе се појави во атмосферата, особено околу Европско тло. И тука почнуваат сите оние сензационалистички и бомбастични наслови. Народот на крај останува збунет, очекува апокалипса, а добива нормална состојба која е добро позната на овие простори. Излевање на реките во овој дел од годината имало и ќе има.
Именувањето на барички полиња (циклони и антициклони) е релативно нова работа и датира од периодот на втората светска војна. Во тоа време, со цел подобро следење на тајфуните (тропски циклони над Пацифик), почнале да ги именуваат со женски имиња. Во секој случај оваа пракса се покажала корисна и почнала да се применува и на ураганите (тропски циклони над Атлантик). Праксата била воспоставена од Американската метеоролошка служба.
Европската пракса на именување на барички полиња пак, датира од 1954 година. Оваа пракса е предложена од тогашната студентка по метеорологија на Институтот за Метеорологија при Техничкиот Универзитет во Берлин, Карла Веге, која во меѓувреме била и презентер на временската прогноза на ТВ каналот ZDF. Институтот по метеорологија во 1954 бил одговорен за издавање на детална прогноза за берлинскиот регион.
Логиката била да се даваат имиња по абецеден редослед, со тоа што машки имиња биле давани на антициклони, а на циклоните женски. Кога ќе се „потрошеле“ имињата, циклусот почнувал од ново. Во 1998 година се развила дебата околу тоа што на циклоните, кои генерално носат „лошо“ време, им се давале само женски имиња. Исходот е што по 1998 година, во парните години на цилконите им се даваат женски имиња, а во непарните – машки.
Од 2002 година со донирање на пари во ТУ Берлин, секој може да кумува со имиња на циклони и антициклони. Програмата е наречена „Посвои Вртлог“ (Adopt a Vortex). Има дури и тарифа: 199 евра за цилкон и 299 евра за антициклон. Дури и на Ebay можете да се наддавате доколку за некое баричко поле постои поголема заинтересираност. Сепак, морате да го зачувате абецедниот ред.
Проблемот во оваа пракса е што секое баричко поле без разлика на неговите карактеристики е именувано. За разлика од Берлинците, Американската национална метеоролошка служба во процесот на именување има одреден филтер, па име добиваат само оние барички полиња кои се „заслужни“ и се издвојуваат по одредени карактеристики (притисок во центар на полето, брзина на ветер итн.). Се именуваат само циклони!
На овој начин се води листа на оние „посериозните“ циклони и не се прави фама од секое „циклонче“.
Во последно време и на Балканот се појавија разни „кумови“, па Хрватите на еден исти циклон даваат едно име, а Србите сосема друго име, додека Македонските медиуми од овие споменативе си го бираат она кое им делува побомбастично. Но, тоа не се официјални именувања од страна на официјалните хидрометеоролошки институти на државите, туку пракса на одредени здруженија на граѓани. За волја на вистината, ни германскиот метеоролошки завод DWD (Deutscher Wetterdienst) не именува барички полиња. Таа пракса останува само медиумска игра на ТУ Берлин! Но, да бидеме фер, добро е што ТУ Берлин средствата кои ги прибира од оваа програма ги користи за научни цели.
Затоа кога следен пат ќе чуете дека доаѓаат циклоните Јанко, Петкана и Станко, не неседнувајте на ситните медиумски игри. Сепак, во земјава си има инситуција која се грижи за сите „метео вртлози“, а тоа е Управата за Хидрометеоролошки Работи. УХМР не именува циклони! Впрочем и нема реална потреба за таква пракса.
meteopro.mk