Ненад Поповиќ, Синиша Мали, Драган Ѓилас, Велимир Илиќ, Небојша Човиќ и Чедомир Јовановиќ – ова се најбогатите српски политичари според податоците за имотната состојба на српската Агенција за борба против корупцијата.
Синиша Мали – во јавноста стана познат како советник на првиот потпретседател на српската Влада Александар Вучиќ. Но, во истовреме тој е претседател на Управниот одбор на српската „Комерцијална банка“ и од оваа позиција месечно заработува по 176.000 динари (над 1.500 евра). Тој е член и на Управниот одбор на Клиничкиот центар на Србија и за тоа добива уште 44.000 денари месечно (околу 400 евра). Мали е 100% сопственик на фирмата „Оли консалтинг“, а од имот поседува и неколку стана, автомобили и заштеда во банка.
Драган Ѓилас – лидерот на Демократската партија (ДС) исто така спаѓа во групата на политичари милионери. Тој на свое име има трисобен стан од 90 квадрати, вози автомобил БМВ и штеди во банка. Сепак, највредниот имот на Ѓилас е уделот од 1/4 од сопственоста во „Мултиком групацијата“, чија вредност се проценува на милиони евра.
Чедомир Јовановиќ – лидерот на српската Либерлано-демократска партија (ЛДП) не е ништо посиромашен. Тој има две куќи и околно земјиште, уште 8 хектари обработлива земја, стан, мотор, но и удел во фирмата СХСФ. Меѓутоа, Јовановиќ поседува и разгранет семеен бизнис – неговата сопруга Јелена е сопственик на фирмата „Агропослови“.
Велимир Илиќ – српскиот министер за градежништво и претседател на партијата Нова Србија во Агенцијата за борба против корупцијата пријавил десетици недвижности – деловен простор, куќи, но и објекти во изградба. Поседува овоштарници, пасишта, ниви… Иако по сите параметри е богат човек, нема заштеда во банка, ниту автомобил.
Небојша Човиќ – членот на Привремениот совет во Белград пријавил во Агенцијата дека поседува удел од 12,98% во компанијата „Кобе групација“. Во извештајот за неговата имотна состојба стои дека вредноста на овие акции е околу 762.000 динари (6.600 евра). Но во Агенцијата за стопански регистри стои дека 49,7% во таа компанија се во сопственост на неговата сопруга Весна, па нивниот удел е вреден околу 3,7 милиони динари. Освен ова Човиќ поседува удел во фабриката ФМП, стан, гаража и заштеда во банка.
Ненад Поповиќ – ја носи титулата „најбогат српски политичар“. Потпретседателот на Демократската партија на Србија (ДСС) е 100%-ен сопственик на три компании – “Vnir, OJSC”, “ABS Internacional LTD” и “ABS Rus, Ojsc”, a косопственик е на уште три. Има голем број на недвижности (станови, куќи, земјиште), два автомобили, комбе и моторен чамец. Исто така има заштеда во банка. Својот бизнис главно го развива во Русија.
Вучиќ нема ништо, Тадиќ само банкарска заштеда?
Премиерот Александар Вучиќ минатата година пријавил само плата во висина од 108.900 динари (943 евра). Нема ниту една недвижност, ниту автомобил, ниту заштеда во банка.
И Борис Тадиќ нема кола, нема стан, а ако се гледа неговата имотна карта во Агенцијата за борба против корупција, тој единствено има банкарска заштеда. Претходните години, поранешниот српски претседател изјавуваше дека се работи за 50.000 евра кои ги добил како наследство и кои се уште ги има на сметка.